Одгласите на фестивалот на брзината во Гудвуд, кој се одржа минатиот викенд, продолжуваат да се задржуваат во медиумите. Многу работи се случија на и околу познатата британска ридска патека, а една од важните работи може да биде фактот што хиперавтомобилот на Мате Римац, Nevera повеќе не е рекордер на таа патека, во категоријата сериски автомобили.
За потсетување, минатата година Nevera го собори рекордот со време од 49,32 секунди, со што стана најбрзиот сериски автомобил досега кој го поминал искачувањето на Гудвуд. Патем, апсолутниот рекордер на патеката е мал електричен автомобил, направен само за соборување рекорди, McMurtry Speirling, побрз за речиси десет секунди, но и без хомологација за јавни патишта.
Сепак, уште еден масовно произведен хиперавтомобил, американскиот Czinger 21C, оваа година стана побрз од Nevera, со половина секунда подобро време. Возачот Крис Вард постигна време од 48,83 секунди со ова хибридно возило и покрај тоа што закачи заштитна бариера некаде по патот, а балите сено му оштетија еден од страничните ретровизори.
Czinger 21C се произведува во Калифорнија во само 80 примероци , а се придвижува од 2,88-литарски V8 твин-турбо мотор кој има до 11.000 вртежи во минута, заедно со два електрични мотори поставени напред. Вкупната моќност на таков погон е 1.250 КС.
Севкупно најбрзото возило на Гудвуд оваа година, сепак, беше невообичаеното преобразено Ford Performance Supervan со време од 43,99 секунди.