Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го најави гостувањето на белгиската писателка Изабел Вери , на првиот фестивал на европската литература во Македонија „BookStar“. На 10 октомври 2015 година, со почеток во 20 часот, во фоајето на киното „Фросина“ во Mладинскиот културен центар ќе биде промовиран нејзиниот роман „Обескостена“, издание на „Антолог“, кој на македонски јазик го приопшти Маргарита Терзијан-Маленкова. Книгата е објавена со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
Романот е добитник на Европската книжевна награда во 2013 година, а ќе го промовира писателот Владимир Јанковски, кој, покрај промотивната реч, ќе направи и краток разговор со гостинката. Делови од романот, заедно со Изабел Вери, ќе чита актерката Јасмина Василева од кумановскиот театар, која ќе биде и водител на настанот. За музичкиот дел е задолжен актерот и музичар Ice Soul Combo, кому ќе му се придружи и писателката во еден специјален настап за македонската публика. Промоцијата ќе биде преведувана на македонски од Зоран Радически, „јазичниот гениј што зборува 30 јазици“.
Изабел Вери, освен што е авторка на три книги, се занимава и со глума, со музика и со танц, па оние што ќе дојдат на промоцијата ќе имаат можност да се запознаат со делото на еден интересен начин и да уживаат во актерскиот и во музичкиот настап на оваа оригинална писателка. Како актерка и режисерка, настапувала во неколку театри во Белгија, Франција, Италија и пошироко во Европа, а на сцената отелотворила многу ликови од Шекспир и од Брехт. Како музичарка, постојано е на турнеи насекаде низ светот. Оваа мултимедијалност во нејзиниот сензибилитет, спојот на неколку уметности, придонесува промоциите на нејзините книги да бидат несекојдневни и поинакви.
Јазикот и стилот на кои е напишан романот „Обескостена“ се крајно разбранувани, при што ги откриваат слободите што ги имаме денес. Потрага по љубов, по идентитети, средба со виша сила, соочување со смртта – сето тоа ги открива харизмата на авторката и нејзиното мошне женско опишување на нештата, со необична искреност. Напишан како интимна исповед, во еден совршен сплет од нарација, поезија и дијалог, овој роман тешко може да го сместиме во некој жанр – самата авторка го дефинира како „иницијациска сказна“.
Читателите ќе имаат поголема можност да ја запознаат авторката одблиску и на 12 октомври во Книжевниот центар „Антолог“ со почеток во 10 часот, кога ќе се одржи програмата „Лично авторот!“ – средба со читателите и потпишување книги, при што претставник на издавачката куќа „Антолог“ ќе ѝподари македонско вино и неколку сувенири како спомен од Република Македонија.
За гостувањето на „Букстар“ и воопшто во Македонија Изабел Вери вели дека многу ѝ значи, пред сè затоа што е прво издание на нов фестивал – еден вид раѓање, па затоа е возбудливо. Љубопитна е да ја запознае македонската читателска публика и на тој начин да го наполни својот бележник со идеи за нови книги.
Фестивалот „Букстар“ е поддржан од програмата „Културни приказни“ и од Европската Унија. Логистичката поддршка е на МКЦ.