Двајца руски комичари изјавија дека се јавиле по телефон на британскиот музичар Елтон Џон, претставувајќи се како рускиот претседател Владимир Путин, објави „Комсомолскаја правда”.
Владимир Краснов и Алексеј Стољаров, познати во Русија по добрите имитации на познати личности и политичари рекоа дека тие му се јавиле на Елтон Џон. На крајот на разговорот британскиот музичар на наводниот Путин му рекол: “Ви благодарам. Ми го поправивте расположението”, вели Краснов, кој се претставил како рускиот претседател.
Во вторникот Елтон Џон објави на „Инстаграм” слика на рускиот претседател и му се заблагодари за разговорот. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков негираше дека имало таков разговор и рече дека најверојатно станува збор за шега.
Русија е критикувана од Западот и од активистите за човекови права за начинот на кој се однесува кон хомосексуалците. Елтон Џон води јавна кампања против донесениот закон за забрана на геј пропагандата во Русија во 2013 година.