Ви пренесуваме дел од колумната на Катерина Блажевска за Призма:
Кога Ванхауте ќе заврши распнат на насловни страници заради предлагање на „неевропски закон“, а премиерот Груевски ќе му порача на посредникот да си ги одработи парите што ги добива за да предложи европски закон, човек мора да провери дали е буден или сонува. Ванхауте нуди европски предлог, но од ДПМНЕ велат дека „тоа не е тоа“, туку некаков „хибрид“.
Сега е создаден е иницијален хаос. Не случајно. И тешко ќе се надмине ова несогласување, ако најпрво не се расчисти со фактот кој како ги разбира европските стандарди.
Ванхауте под тоа подразбира независност и департизација на јавниот сервис, на регулаторното тело и почитување на етичките и професионални стандарди во медиумите. Ако се провери како функционира таа негова заложба во сегашната практика, јасно е зошто позициите на посредникот и на владејачката партија немаат заеднички именител, односно не се пресретнуваат на ниту една точка.
Европската практика не предвидува министер за внатрешни работи и премиер да договараат кој новинар ќе биде дописник од Атина или Вашинготн. Не постои член во европски закон за медиуми, кој предвидува шеф на кабинетот на премиер да бара предлози од партиските комитети за вработување во јавниот сервис, а потоа да го поништува „конкурсот“ кога ќе утврди дека од комитетите му предложиле „полунормални луѓе“.
Па по една таква фарса, ќе излезе дека „најевропски“ сфаќања има министерката за внатрешни работи кога реплицира: „Или ќе пуштаме предлози од комитети, или ќе јакнеме капацитет на МТВ. Тие две работи најчесто не одат заедно“.
Сепак, и таа ги нема добро научено европските закони за медиуми. Имено, тие не превидуваат новинарка да биде вработена во МРТВ, врз „законската основа“ кога сопругот на министерката е „ептен добар другар“ со сопругот на новинарката.
Ниту пак, законот и дава право на министерката за внатрешни да отпушта од работа во јавниот сервис новинарка (во македонската практика тоа се нарекува „ќе лета од работа“) ако на министерката не и се допаѓа планираната тема за авторската емисија.
Неевропски стандард е и ако премиер и министер за транспорт се договараат како локално радио да се даде на Унијата на млади сили на ДПМНЕ.
Европските закони не дозволуваат ни власта да ги узурпира информативните емисии со свои пропагандни прилози, односно да им ги претвора вестите во „обичен куртон “, како што илустративно се пожали уредникот на „Сител“, откако од 12 прилога, седум му биле владина нарачка.
Ако се ова европските стандарди во медиумите кои ги сака ВМРО-ДПМНЕ, тогаш е јасно зошто предлогот на Ванхауте им наликува на неевропски „хибрид“. Не им се вклопува во шемата. За жал, хибридот не е во предлогот на Ванхауте, туку во алатките и практиките на актуелниот режим. Токму тој режим е хибриден и илиберален по сите основи и мерила, а најмногу по прашањата за медиумските слободи.
Ајде да се потсетиме: Кој упати последен повик за пресметка со неистомислениците, со што отвори процес на тешка општествена и медиумска поларизација – „кој не е со мене тој е против мене“. Со тоа прво го убија и релативизираа секој обид за аргументирана критика на власта.
Кој од партиски митинг ги повика граѓаните да не веруваат во пишувањата на „Утрински весник“, „Време“, „Шпиц“, „Коха е ре“ и „А1“? Зошто заради обвинетиот сопственик на ТВ А1 затворија и четири медиуми? Колку новинарски трансфери се реализираа низ филтерот на владините кабинети?
Да не се лажеме. Во Брисел точно знаат кој е главниот уредник во Македонија, кои се негови помошници, а кои негови извршители. Токму тие извршителите, ќе оделе кај амбасадорот Орав и ќе го прашале – дали тој стои зад предлогот на Ванхауте?
Целата колумна прочитајте ја на Призма на следниот линк.