Граѓанскиот сектор бара мерки за намалување на загадувањето

од desk2
96 прегледи

Коалицијата за чист воздух О2, заедно со Првата детска амбасада Меѓаши и други невладини организации доставија до Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање, мерки за намалување на загадувањето во земјава.

Мерките ќе ги достават и до кандидатите за градоначаници на претстојните локални избори за тие да ги вклучат во своите програми. Со цел да се подигне јавната свест и да се реагира пред зимската сезона кога се очекува поголеми нивоа на загадување на воздухот, утре организираат мировен марш за чист воздух.

– Имавме многу средби со различни граѓански иницијативи и сите заедно успеавме да се интегрираме и да направиме систем од мерки кој како таков го доставивме до МЖСПП, до Владата, а ќе го доставиме и до сите кандидати за градоначалници без разлика од која партија доаѓаат бидејќи овој период е исклучително важен да ги вклучат овие мерки во нивните програми, доколку тоа не го направиле и во рамки на потенцијалните мандати потоа да ги реализираат, изјави денеска пред Владата Ели Пешева од граѓанската О2, најавувајќи го утрешниот марш.

Загадувањето доаѓа од комбинација на повеќе причинители, како индустриските капацитети кои работат без соодветни филтри, непочитувајќи ги пропишаните стандарди, на намалувањето на урбаното зеленило, силна урбанизација, лошото справување со отпадот, како и застарените техники за транспорт, за греење итн, а она што го преземаат притисок врз институции за заштита од загадување, како и притисок за усогласување на нивните активности. Според Пешева, Македонија има систем на закони, но она што е проблем е нивното почитување или селективната примена.

– На терен, се покажува дека некои од законите не функционираат и токму затоа бараме и конкретни промени, како и донесување закон за почви, барање одговорност од загадувачите, активно анимирање и поттикнување на граѓаните за да ги искористиме сите форми на граѓански активизам, развој на здрави животни навики со кои граѓаните нема да го загадуваат воздухот. Понуда на алтернативни решенија за чист воздух. Давање идејни проекти, во нашите мерки што ги доставивме како критични извори на загадување сметаме дека ремедијацијата на ОХИС и Топилница Велес, дислокација на загадувачките капацитети надвор од населените места минимум на 10 километри, раскинување на договори за концесии и запирање на отворање на нови рудници за јаглен…, рече Пешева.

Таа истакна дека пред локалните избори очекуваат новите градски власти многу посериозно да го сфатат овој проблем и сите заедно со централната власт да преземат итни, но и краткорочно и систем на долгорочни мерки со цел да се намали загадувањето и да се заштита животот на граѓаните. Потенцира дека срамно е за државата да има на листата од 10 најзагадени градови во светот дури три, а истовремено е тажно што во 21. век се расправаме со вакви енормни нивоа на загаденост, со огромни бројки на болни лица и деца, но и на смртни случаи како директна последица на загадувањето.

-Ќе излегуваме на улица почесто, затоа што само на тој начин може да покажеме дека децата имаат право на чист воздух. Секое второ дете во загадените градови боледува од асма, истакна Драги Змијанац од Првата детска амбасада „Меѓаши“.

Маршот почнува во 17 часот од пред Владата на РМ и ќе продолжи по Илинденска до булевар „8 Септември“ каде ќе се спојат со партнерите „Ние сме Карпош 4“, „Стоп на загадување“, „Воздух сега“ и Карпош 3, кои ќе имаат мирен протест пред Општина Карпош со цел да се спречи урбанизацијата на кејот на Вардар и да се задржи зелениот појас покрај реката. Кон иницијативата за одржување на маршот, а кој се одржува на Денот на мирот, се приклучени други 14 невладини организации кои се активни и работат на полето на здравата животна средина и на чистиот воздух.

Слични содржини