Името и идентитетските прашања силно влијаат на мислењето на граѓаните за влезот во ЕУ

од desk4
207 прегледи

Името и идентитетските прашања силно влијаат на перцепцијата на граѓаните за членството во ЕУ, покажува дебатната анкета на Институтот за европска политика, информира Телма.

Но, разбирањето за тоа, што ќе добијат, а што ќе изгубат со влезот во ЕУ, значително се менува по јавните дебати за европската интеграција на земјата.

Пред дебатата организирана за потребите на анкетата, 30 проценти од испитаните целосно се противат на интеграцијата во ЕУ поради стравот од промена на националниот идентитет, додека после дебатата таа бројка се намалува на 19,6 проценти.

Резултатите покажуваат и дека, пред дебатата 28 проценти од испитаниците ја поддржуваат промената на уставното име доколку името Македонци и македонски јазик се загарантирани, додека по неа поддршката се зголемува на 40,9 проценти.

Единствената промена во обратната насока е за прашањето, дали се согласувате дека Македонија треба да го промени уставното име за членство во ЕУ, на кое пред дебатата 31.4 проценти одговориле дека воопшто не се согласуваат, додека, после дебатата, тој број се зголемил на 32.9 проценти. Ваков тип на дебати, велат од организацијата, се неопходни за потребите на институциите, пред носењето на клучните одлуки.

Дебатите, велат од ЕПИ, се неопходни и за да се превенира евентуалниот одлив на мозоци од државата, затоа што анкетата покажува дека, едно од најважните прашања за граѓаните е слободното движење на луѓето, што, пак, може да значи и дека, по влезот во ЕУ, голем број од нашето население планира да се исели од државата.

По дебатната анкета, 63,7 проценти од анкетираните целосно го поддржуваат членството во ЕУ наспроти 52,2 проценти пред дебатата. Интересно е и дека процентот на оние што мислат дека Македонија целосно ги исполнува демократските критериуими за влез во ЕУ, по дебатата се намалува од 11,5 на 5,3 проценти.

Слични содржини