Ако поради бројни забелешки при јавниот увид списокот ја изгуби поддршката од мнозинството во ДИК, тогаш неможноста од одржување на избори на 5. јуни ќе мора да биде констатирана од Собранието, велат правни експертиза Дојче Веле

„Избирачкиот список е прочистен и потврдена е довербата во него“… „Списокот ниту е прочистен, ниту веродостоен“. Со вакви спротивставени тези финишира работата на Државната изборна комисија околу прочистувањето на Избирачкиот список. Зад првата теза стои двотретинско мнозинство, односно гласовите на шест членови на ДИК, зад втората тројца членови, од кои едниот е претседателот на Комисијата, Александар Чичаковски. Тој гласаше „против“, со образложение дека процесот не е завршен.

И експерти од меѓународната организација за изборни системи, ИФЕС, кои активно учествуваа во спроведените проверки, сметаат дека се идентификувани повеќе проблеми кои треба да ги истражи МВР, но тоа не може да се направи до 5-ти јуни. За нив, не е јасен статусот на 40.000 лица кои не се пронајдени при теренските проверки, како и 12.000 за кои не се добиени информации.

„Според сознанијата, МВР може темелно и конечно да ги истражи секое од идентификуваните проблеми, но законскиот процес за тоа ќе одземе одредено време и нема да биде возможен пред изборите на 5-ти јуни“, напишал во извештајот доставен до ДИК, експертот на ИФЕС, Џон Аран.

(..)

И покрај тоа што списокот е усвоен и ставен на јавен увид со шест гласови „за“, забелешките кои стигнуваат за одредени пропусти во него, може да го „стопат“ двотретинското мнозинството кое гласало за него, откако на членовите ќе им бидат предочени конкретни аргументи и докази обезбедени во фазата на увидот. Според правни експерти, доколку тоа се случи, односно, ако списокот во натамошната фаза поради бројни забелешки ја изгуби поддршката од мнозинството во Комисијата, тогаш неможноста од одржување на избори на 5-ти јуни ќе мора да биде констатирана од Собранието и тоа ќе мора да заседава, бидејќи мандатот на овие пратеници трае до изборот на нов парламентарен состав.

Недозволен увид во списокот

Недовербата во списокот уште повеќе се зголеми, кога вчера претставници на СДСМ побараа да направат увид во Избирачкиот список во подрачната единица на ДИК во општина Центар, но тоа не им беше дозволено.

„Беше дозволена само индивидуална проверка, со конкретен матичен број и со податоци за одредена личност. Но не ни беше дозволен целосен увид во Избирачкиот список како што е предвидено со Изборниот законик“, реагираше пратеникот на СДСМ, Стефан Богоев.

Според него, очигледно е дека се прават обиди да се сокрие хаосот што се случува со списокот.

„Избирачкиот список останува полн со фантомски гласачи, со недоследности, со нецелосни документации и податоци за граѓаните. Имаме конкретни податоци кои велат дека 139.438 граѓани се без адреса, односно без валидна лична карта, а се останати во Избирачкиот список. На 18.269 лица воопшто не им се пронајдени барањата за лични карти во МВР, а исто така се останати во списокот, како и 5.420 гласачи од Пустец. Сето ова е уште една потврда дека еден од клучните услови за фер и регуларни избори не е исполнет, односно дека Избирачкиот список воопшто не е прочистен“, рече Богоев.

Неисполнувањето на овој услов бил потенциран и од лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на средбата со Штефан Шенах, шеф на делегација на ад-хок комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа. Освен проблемите со списокот, Заев укажал дека не се исполнети и други два клучни услови за фер – избори: не се спроведени медиумски реформи и нема одвојување на партијата од државата, што според него, и е јасно и на меѓународната јавност. За разлика од Заев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека условите за избори се исполнети.

„Изборите се тест за демократскиот капацитет на партиите и за подготвеноста да се соочат со волјата на граѓаните. Потребен е крај на кризата и тоа го сакаат и очекуваат граѓаните, како и враќање на реформските процеси и продолжување на реализација на проектите кои се од нивен интерес“, рече Груевски.

повеќе тука 

Слични содржини