Актуелниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски, повторно ќе биде кандидат за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а за Валандово, Николче Чурлиновски.
„За Општина Аеродром станува збор за Ивица Коневски, актуелен градоначалник на општината и еден од најуспешните градоначалници во Македонија кој зад себе има стотици реализирани проекти, кој успеа да ја издигне општина Аеродром на ниво на најпосакуваната општина за живот не само во Скопје, туку и во Македонија, кој досега спроведе огромен број капитални инфраструктирни и комунални проекти, но кој во својата понуда и визија ќе има нови проекти кои се одговор на потребите на барањата на граѓаните на Аеродром“, рече генералниот секретар на партијата Христијан Мицкоски, на денешната прес-конференција.
За Валандово, Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го усвои предлогот од Извршниот комитет, за Николче Чурлиновски, „актуелен градоналаник кој успеа да се докаже со својата посветеност и работа во интерес на граѓаните на Општина Валандово и кој поради низата дела зад себе како и досега и сега ја ужива најголемата доверба на своите сограѓани“.
Според Мицкоски, понудата на ВМРО-ДПМНЕ како од аспект на кандидати, така и од аспект на програма и проекти се гаранција дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да работи во интерес и во насока на реализација на потребите на граѓаните на Република Македонија.