ВМРО-ДПМНЕ смета дека лидерот на СДСМ Зоран Заев пред албанската дијаспора во Швајцарија ги открил крајните мотиви на двегодишната криза во која што ја втурна Република Македонија.
Како што истакна на денешната прес-конференција Ивица Коневски, претседател на градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, неговите две основни цели кои јавно ги обзнани се редефинирање на државата и менување на уставниот поредок и уривање на позициите на Република Македонија во споровите што ги има со соседите, вклучувајќи го и прашањето за името.
– Аболицираниот Зоран Заев пред албанската дијаспора во Швајцарија отворено ја обвини Република Македонија дека кај нас бил проблемот што се обидуваме да си го сочуваме уставното име и националниот идентитет. Срамно и недостојно за политичар кој е лидер на партија. Ја обвини Македонската православна црква дека кај неа е проблемот што е оспорена од Српската православна црква. Ја обвини Македонија дека кај нас е проблемот што не ни се признава јазикот и народот и што нашите малцинства во соседните земји не ги уживаат истите права, рече Коневски.
Пред албанската дијаспора Заев кажа, додаде тој, дека рамката на Охридскиот договор не била доволна, ветувајќи и на албанската дијаспора дека тој ќе го менува Уставот, ќе го официјализира албанскиот јазик и ќе ја федерализира Македонија.
– На ваквата антидржавна политика и на ваквото пазарење со највисоките национални интереси мора да се стави крај. Мора конечно да се стави крај на кризата и Македонија да тргне напред. ВМРО-ДПМНЕ и народот на Република Македонија нема да му дозволат на аболицираниот криминалец Зоран Заев да ги оствари своите планови, рече Коневски.