Надворешната канцеларија за криминалистички работи во Крива Паланка поднела кривична пријава три лица, меѓу кои и градоначалникот на општината, Арсенчо Алексовски, поради злоупотреба на службената положба и овластување во врска со превозот на ученици, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.
Како што информираат оттаму, Алексовски, претседателот на Советот на Општината, Борче Стојчевски, и директор на Основното училиште „Јоаким Крчовски“, се товарат дека од 2014 до 2017 година, со злоупотреба на службената положба, овозможиле на родители на ученици од улицата Единство и од местото Лепојки да стекнат имотна корист во вкупен износ од 277.120 денари (околу 4.500 евра).
Според МВР, осомничените склучиле договор за превоз на ученици со фирмата „Пролетер“ од селото Конопница, кој, како што стои во соопштението, се одвивал без да бидат исполнети законските услови – местото на живеење на учениците да биде оддалечено најмалку два килметри од најблиското основно училиште, односно тие живееле поблиску и користеле бесплатен превоз.
Инаку, Алексовски е петтиот градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ против кој МВР изминативе десетина дена поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба. Претходно, полицијата поднесе кривични пријави против градоначалниците на Велес, Неготино, Штип и на Битола – Славчо Чадиев, Ванчо Апостолов, Ило Захариев и Владимир Талески.
Чадиев, Захариев и Алексовски се кандидати за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ и за претстојните локални избори на 15 октомври.