Зоран Стојановски
Ја испраќам ќерка ми на екскурзија. Ја испраќа и Ирена, другарка ѝ која нема да оди со неа. Дошла само да се поздрави со соучениците. Насмеана, разиграна, како да ѝ е сеедно, а не ѝ е.
Додека се гушка со Весна, Ријалда, Кате и другите, таа шеретски му вика на Ненад да не ја заборави. Скришум го гледа Боби цело време си ја сокрива возбудата. Зашто Ирена многу би сакала да прокрстари по Дунав со Боби, негде кај Будимпешта. Да прошета низ Виена и да ја види Прага.
Но, нејзините немаат пари. Всушност речиси никој од нејзиниот клас нема пари, но како-така се снашле. Некои можеби одвај позајмиле… Во последниот момент… И пари и куфери и гардероба…Некако…Но, Ирена никако…
Додека таа дезорганизирано се мотка помеѓу родителите, еден човек постојано ја поттурнува. Дотеран, исправен, очигледно надуен, постојано подвикнува по шоферите, професорите и децата. Ми рекоа дека е газда на патничката агенција.
Наеднаш го препознав. Мој школски другар. Барем два пати сме биле заедно на екскурзија низ Југославија. Во времето кога бевме сиромашни деца, а сепак парите не беа никаков проблем за да одиш 10-тина дена на екскурзија.
Во времето кога можеби не беше се поевтино, ама беше се поедноставно. Без трошоци, уплати и чекање за пасоши, зашто пасоши не ни требаа. Без евра, марки и девизи, зашто со истите динари купувавме сладолед Снежец и пред Постоинската јама во Словенија и на Плитвичките езера во Хрватска.
Не носевме полначи за мобилни зашто не постоеја ни мобилни, ниту пак фиксни телефони имаа нашите дома. Ќе пратевме разгледница од Дубровник и ќе се вратевме пред неа дома, после една недела. Па, ќе се радувавме најискрено, како некој друг, најмил да ни ја пратил. Како Мистер Бин кога сам на себе си честита Нова Година.
Не бевме богати тогаш, со мојот школски другар, па сепак имавме за цела торба сувенири од секаде и за по некоја книга од книжарниците на Нолит. Дури и ќе вратевме по некоја пара дома, а родителите ќе нѐ караа зошто не сме ги потрошиле сите.
Додека гледавме пред триесетина години, од Јадранската змијулеста магистрала, долу кон синото и беспрекорно бистро море, во нас брануваше една бескрајна возбуденост дека летото би можеле да дојдеме со родителите тука. Во Херцег Нови, Игало, Макарска…
А, јас сега знам, кога ќерка ми ќе крстари по Дунав, најголемиот дел од децата ќе тонат во длабока тага дека никогаш во животот нема да имаат друга ваква шанса.
И додека со другар ми, сегде кај што патувавме, лесно се разбиравме, денес јас знам, тешко ќе се разберат ќерка ми и нејзините другари на нивниот пат, иако учат јазична гимназија. Зашто далечни им се психите, интересите, предрасудите…
Ние со другар ми немавме компјутери, интернети, фејзбуци ни гугл еарт, а точно знаевме каде одиме. И целата историја на местата ја знаевме, на сите цркви, манастири и џамии, низ сите векови, со сиот респект кон сите нив.
Сега ќерка ми не знае точно каде оди, а целата светска историја, за повеќето професори кои патуваат со учениците е сведена на прашањето дали сме несфатени антички Македонци или збунети Словени.
Со другар ми не знаевме што е дрога. Не знаеја ни тие таму каде што патувавме и најшокантното нешто за нас, беше сликата на пијана жена, после полноќ, негде по улиците на Загреб. Денес ќерка ми ги знае сите дроги и сите опасности од нив. Уште од мала морав да ја научам.
Кога ние се враќавме назад, нас не чекаше бесплатното Тетовско корзо. Не чекаа ширум отворените врати на Д.Т.В. Партизан и бепрекорно чистиот и зелен спортски центар.
По целиот пат нашата девиза беше:„Сегде појди и пак дома дојди!“ А, кога ќерка ми се качуваше во автобусот, само изусти:„Ех, да можам да останам таму!“
А, знам дека не може без нас и знае дека не можеме без неа. Но, сакав да и речам:„Остани ако можеш!“
Зашто цело време таму, низ Европа, ќе биде под тензија дека ќе се врати во земја каде пролетва ќе се пука. Многу пати во Тетово нѐ предупредувале на тоа. И пред една недела ме предупредија. Дека на 11 мај пак ќе се пука. А ќерка ми еднаш го доживеа тоа.
Можеби не е вистина, можеби некому му е битно да го доисплаши веќе преплашениот народ….
И да не е така, во секој случај, пак ќерка ми ќе се нервира поради екстерното тестирање, пак ќе бојкотира настава, пак ќе оди на протести. И ќе стравува дали ќе можеме да ја запишеме на факултет. А, за мене и другар ми некогаш, сите факултети беа ширум отворени и бесплатни. Само што тој не заврши. Барем не тогаш.
Но, пред тоа, ние ја имавме гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово, која ќерка ми ја нема. Ќе се врати од екскурзија низ Европа, во пренатрупаното основно училиште „Гоце Делчев“, каде принудно се сместени македонските гимназијалци. Дислоцирани од руинираните бараки во кои претходно беа принудно сместени. Под кровот што два пати им падна на глава. Поради што протестираа со години…
И дали Вие сега, кои издржавте да го прочитате сето ова, се прашувате, дали јас ја барам Југославија? Не, не ја барам!
Го барам човечкото во Македонија. Овде и сега. Во 21 век. Ги барам вистинските газди кои најнапред ќе загосподарат со вистинските вредности и сопствениот морал, а потта со нас.
И додека барав вчера нешто што ќе заличи на малку човечко, откако автобусот замина за Европа, јас вчера ја видов само Ирена, затскриена зад едно дрво во паркот карши гнасниот спортски центар во Тетово, Ирена гимназијалката, која не можеше да се соземе од плачење.