Нова кавга и обвинувања за тоа кој ги штити грчките национални интереси, а кој сака да направи отстапки во спорот за името, избија меѓу опозициската Нова демократија и грчката влада. Причината е одлуката да се ребрендира грчката државна новинска агенција и да се измени нејзиното лого, со тоа што ќе се избрише терминот „македонска“ од логото.

parlament-vo-grcija

Старото лого на Атинско-македонската информативна агенција го содржеше целото име на агенцијата, вклучувајќи го и симболот сонцето од Вергина, додека пак новото помодерно лого го содржи само зборот „Агенција“.

Бришењето на зборот „македонска“ од логото за Нова демократија е кршење на грчката историја и навреда на јавноста. Дури 53 пратеници од десничарската партија испратија заедничко пратеничко прашање до министерот за надворешни работи Никос Коѕиас во кое бараат објаснување зошто е направена оваа промена и на која цел и служи таа. Според нив бришењето на трите букви кои стојат за македонска информативна агенција и кои се симбол на историјата на северна Грција се навреда за јавноста и историското сеќавање.

„Во период кога има интензивни превирања во нашето соседство и кога имаме влада која поради нејзината неспособност и недостаток на планирање и визија, постојано создава нејасности околу нашите основни позиции околу националните прашања, промената на логото на АПЕ-МПЕ со бришењето на последните три букви покрева многу дилеми. Во спој со неодамнешните изјави на владини функционери ова создаба голема загриженост“, се вели во пратеничкото прашање на Нова демократија.

Министерот Коѕиас одговори само писмено на прашањето, отфрлајќи ги сите обвинувања на опозицијата за било какво омекнување на грчкиот став. Во реакцијата забележува дека промената на логото нема никаква суштинска поврзаност со грчката надворешна политика, коментирајќи дека со ова прашање Нова демократија само се обидува да го одвлече вниманието на јавноста.

„Иако прашањето не заслужува сериозен третман, ве упатувам кон изјавите и соопштенија од Министерството, кои покажуваат се освен инертност во однос на заштита на нашите национални позиции“, вели Коѕиас во реакцијата./извор Мета

Слични содржини