Одземен имунитетот на шесте пратеници за настаните од 17 април

од desk2
78 прегледи

Со 67 гласа „За“ и ниту еден против или воздржан, пратениците од собраниското мнозинство им го одзедоа имунитетот на Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудовски, Љупчо Димовски и Сашо Василевски, пратеници од ВМРО-ДПМНЕ за кои судот бара одговорност за настаните од Собранието од 27 април годинава.

 

Претходно, претседателот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев, рече дека „денеска како пратеници се наоѓаме пред изборот на две опции: дали ќе овозможиме правдата да го пронајде вистинскиот пат или и понатаму ќе се спроведува селективна правда и ќе има привилегирани.

Според него, на 27 април животите на  пратениците, колегите, собраниските службеници новинарите беа загрозени.

„Тој ден мора да биде расчистен, за да можеме да ја расчистиме оваа темна дамка. Тоа му го должиме на правото, на народот но и на ова Собрание. За нас не беше лесно да донесеме одлука, но се потпревме на искуството на ова Собрание, кое до сега неколкупати се соочувало со исти предизвици. Судот до сега неколкупати барал да се одземе имунитет на пратеници, а Собранието одлучувало да не го попречува работењето на судот. Од тука, јасен е ставот кој треба да го заземеме.

Убеден сум дека и нашите клеги пратеници на кои се однесува оваа одлука го поддржуваат Собрението во одлуката. Ако се невини ќе имаат можност тоа да го докажат на суд“, додаде Тунтев.

Артан Груби од ДУИ рече дека 27 април беше многу тежок за државата, нашата демократија, за имиџот на државата. „Тие сцени никогаш да не се повторат. За ова сите заедно сносиме одговорност и сме рамноправни пред законот. Заедно треба да се осмелиме со тоа што го наследивме од 27 април да ги исправиме работите.
Од секое страдање треба да извлечеме поука. Затоа ова нека биде поука за граѓанството и за нас“, додаде Груби.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не учествуваа на седницата. Тие воопшто не се во Собранието на своите работни места.

Претходно во соопштение рекоа дека Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во денешната политичка фараса, чија единствена цел е реваншизам, сеење омраза и уништување на сите оние кои што мислат различно.

 

„Главна и единствена работа која СДСМ ја спроведува е политички реваншизам, прогон и хајка. СДСМ очигледно не сака во Македонија да постои опозиција, која што со свест и совест треба да се спротиставува на штетни политики“, велат од партијата.

Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов, Љупчо Димовски и
Сашо Василевски се дел од 36-те лица кои Основното јавно обвинителство ги гони за
„терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, во врска со настаните од 27
април годинава во Собранието на Република Македонија.

Слични содржини