Партиите на Албанците разговараа за декларацијата- Беса ги игнорира!

од Vladimir Zorba

Во Собранието попладнево се одржа средба на претставници на партиите на Албанците. На средбата се разговарло за точките од Декларацијата на албанските партии.

На неа присуствуваа  лидерот на ДУИ Али Ахмети и Садула Дураку, од ДПА Луан Треси и Бардил Даути, Гзим Острени од Унитети, Сурија Рашити од ДР-ДПА, како и Весел Мемеди од НДП, на чија иницијатива се организира состанокот.

Заев: Законот за јазици ќе биде донесен пред локалните избори

НА средбата не учествуваа од движењето БЕСА, тие имаат свој став и своја порака.

Додека буџетската дискриминација и понатаму се продлабочува, каде најмногу страдаат општините населени со Албанци, албанските партии на власт, ДУИ и таканаречената Алијанса за Албанците, преку нивните сателити се трудат да го дефокусираат вниманието од реалните проблеми преку покани во кои не веруваат ни самите тие, велат од движењето Беса.

„Али Ахмети, исто како што манипулираше со состанокот каде се потпиша Заедничката декларација, со истиот пристап повторно се труди да се наметне преку поканите на ‘неговите сателити’. Наместо оваа покана, Али Ахмети прво треба да даде одговор што се случи со Декларацијата на албанските партии?; Кои точки од овој документ се опфатени во владиниот договор?; Али Ахмети, пред да упати покани преку ‘неговите сателити’, најпрво треба да објасни зошто и во пресрет на 100-те дена од формирање на оваа влада, сè уште немаме закон за албанскиот јазик?“ прашуваат од движењето.

Движењето БЕСА го повторува ставот дека е отворена за комуникација во рамките на Собранието со албанските партии, и дека никогаш нема да се двоуми кога станува збор за интересите на Албанците.

„Но, со овие чекори на Албанските партии на влас, испаѓа дека еден од главните национални интереси на Албанците е да ги заштитиме од самиот Али Ахмети“, се вели во соопштението.

Oва е втора средба по формирањето на Владата на која се разговара за реализирањето на заедничката декларација. Првата средба се одржа пред околу еден месец и беше по иницијатива на ДУИ.

Најавена е и нова средба, за наредната недела, и намерата е тоа да трае во континуитет до реализацијата.

Слични содржини