Руските цели се остварени во Сирија, а резултатот е неизвесен

од Vladimir Zorba
81 прегледи

Дојче веле – Бон

По речиси едногодишното ангажирање на Русија во Сирија, експертите оценуваат дека Москва ги остварила своите главни цели, меѓутоа потенцираат дека Кремљ нема план за „елегантно повлекување”, а дека решение за конфликтот се уште нема.

sir

Првиот хуманитарен конвот кој по долго време беше во близина на Алепо е уништен пред неколку дена, а во тој напад загинаа 20 луѓе.

Штотуку постигнатиот договор за прекин на војната во Сирија повторно е загрозен, а поради меѓусебното обвинување за тоа кој ја сноси одговорноста за нападот, тонот меѓу Вашингтон и Москва се заостри.

Експертот за Блискиот исток од московскиот центар „Карнеги” Алексеј Малашенко вели дека нападот на конвојот е мистерија.
„Се зборува во прилог на тоа дека нападот во најмала рака го извршила руската армија” – вели тој и додава дека не е исклучен „рускиот фактор”, но тоа „не може јасно да се докаже”.

„Русија тоа никогаш нема да го признае” – вели Малашенко и прашува дали некој може да го замисли Путин да каже: „Извинете, направивме грешка?”.

Токму тоа САД го направија пред неколку дена, кога во нападот на сојузничката коалиција предводена од САД, според руските наводи загинаа над 60 војници од сириската армија.

Москва и Дамаск протестираа, Вашингтон поради нападот изрази жалење. И едниот и другиот инцидент кој се случија за неколку дена, го доведоа во прашање примирјето кое САД и Русија го договорија во Женева.

Во тој контекст, Москва повторно го засили военото присуство во регионот и најави дека во Средоземното Море ќе прати еден руски носач за авионот „Адмирал Кузњецов”.

Овие денови е точно една година откако Русија ја почна својата воена акција во Сирија. Тогаш светот откри поради што руските воени и транспортни авиони и воени бродови се почесто се упатуваат во Сирија, а се откри дека Русија во провинцијата Латакија изградила база за својата авијација.

Од руска перспектива, како што се наведува, тоа изгледа вака: Москва својот ангажман во Сирија го почна од две причини: да го поддржи својот сојузник, сирискиот претседател Башар ал-Асад и да ги принуди САД на преговори.

„Кога сето тоа почна, одлучувачки фактор беше тоа што се зголеми ризикот да дојде до пад на режимот на Асад” – вели Фјодор Лукјанов, претседавач на Советот за надворешна и одбранбена политика во Москва, организација која е блиска на руската влада.

Малашенко оценува дека таа цел денес е постигната и дека тоа за Москва е најважно.

Русија во Сирија покажа дека не е „само регионална сила”, како што еднаш ја нарече американскиот претседател Барак Обама. САД така ќе мора да прави поголеми отстапки од Русија.

И експертите од Западот потврдуваат дека Русија ја засилила својата позиција на Блискиот исток.

„Без Москва, или барем без нејзино одобрение, сега едвај е можно да се дојде до било какво решение” – верува Маргарете Клајн од берлинската Фондација за наука и политика.

Сепак, трајно решение за конфликтот во Сирија не е на повидок, сметаат експертите. На Владата во Москва не и појде од рака контролата да ја предаде на самите Сиријци и „елегантно да се повлече” – вели Лукјанов.

Малашенко е песимист и смета дека „основниот заклучок е дека конфликтот продолжува”.

И Москва и Вашингтон неволно се впуштија во потрага за одржливо решение, а прокламираната борба против тероризмот, само е лажен изговор за одмерување на силите во Сирија.

Што се однесува до Русија, како што се наведува, Путин нема конкретен план за завршување на воената мисија во Сирија.
„Путин има силна тактичка позиција, но ни тој не знае како ќе заврши играта” – вели експертот од Москва и додава дека рускиот претседател е свесен дека Асад ќе замине од власта, но не знае кој ќе ја преземе неговата позиција.

Русија затоа ќе остане присутна во Сирија, се додека нејзиниот штитеник Асад е на власт. Се друго за Москва би претставувало неприфатливо губење на образот

Слични содржини