Седницата за Комисијата за избори и именувања продолжува утре во 11 часот

од desk2

Конститутивната седница на Собранието на која се расправа за избор на претседател, заменик-претседател, членови и заменици членови на Комисијата за избори и именување ќе продолжи утре. Претседавачот со седницатa, поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељаноски најави дека утрешната, но и сите наредни продолженија на конститутивната седница, до нејзиното завршување, ќе почнуваат во 11 часот.

По попладневната пауза која беше дадена на барање на пратеничката група на Беса, генералниот секретар и пратеник на СДСМ Оливер Спасовски рече дека пратениците не се придржуваат до Деловникот на Собранието и дека се злоупотребува процедуралниот институт и реплицирањето.

Денешниот ден во Собранието, како и вчера, повторно беше во знакот на платформата на албанските партии. Пратениците од ДУИ и од ВМРО си контрираа за неуспешните преговори меѓу двете партии за формирање коалиција и за што конкретно не успеале да постигнат договор.

Пратеникот Артан Груби од ДУИ истакна дека албанската платформа не задира во унитарниот карактер на државата и дека ДУИ не се залага за кантонизација и федерализација на Македонија.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека главен проблем е тоа што пратениците не се запознаени со содржината на законот за јазиците. На ова Џевад Адеми од ДУИ возврати дека законот за јазиците не бил проблемот во преговорите со ВМРО-ДПМНЕ, туку продолжувањето на мандатот на Специјалното јавно обвинителство.

Слични содржини