Шекеринска – Јелениевски: Да се прошири воената соработка меѓу НАТО и АРМ

од Vladimir Zorba
176 прегледи

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска имала средба со воена делегација на НАТО, предводена од бригадниот генерал, Маријан Јелениевски, заменик-директор на секторот за безбедносна соработка на Алијансата. На средбата, како што соопшти Министерството за одбрана, било разговарано за продлабочување на соработката меѓу НАТО и Армијата на Република Македонија (АРМ).

Генералот Јелениевски на средбата истакнал дека засилената политичка активност на Македонија кон НАТО треба да се поддржи со поблиска воена соработка и понудил три предлози за зголемување на соработка помеѓу воената структура на НАТО и АРМ, односно разговори на експертско ниво меѓу НАТО и АРМ еднаш годишно, редовен годишен состанок на Воениот комитет на НАТО со АРМ и подобра репрезентација на АРМ во НАТО-структурите преку испраќање национален воен претставник од Македонија во Сојузната команда на НАТО и пополнување на позиции за партнерски штабни офицери во воените команди на НАТО.

Шекеринска рекла дека Министерството за одбрана и Владата даваат „не само поддршка, туку и силен поттик на предлозите за подобра воена соработка“.

„Верувам дека без соработка на Министерството за одбрана и АРМ нема да има прогрес, а поблиската соработка на НАТО и на АРМ може да биде само од корист и за членството на Македонија во НАТО и за подобрување на статусот на Армијата“, рекла Шекеринска.

Слични содржини