Собранието со 70 гласа „за“ изгласа минимална плата од 12.000 денари

од desk2
86 прегледи

Собранието денеска со 70 гласа „за“ и ниту еден против и воздржан ги изгласа измените на Предлог-законот за зголемување на минималната плата со кој официјално треба да започне исплатата на минималната плата во износ од 12.000 денари.

За збор беа пријавени над триесетина пратеници, а расправата помина во меѓусебни обвинувања на владејачкото мнозинство и опозицијата по што опозицијата реши да го поддржи законот и да гласа за него.

За време на расправата пратениците на ВМРО-ДПМНЕ потенцираа дека предлог законот за зголемување на минимална плата нема да го подобри стандардот на граѓаните ниту ќе ја раздвижи економијата. Според нив предлогот на Владата е предизборна популистичка мерка од која граѓаните нема да имаат бенефит на долг рок.

Владејачкото парламентарно мнозинство тврдеше дека минималната плата од 12.000 денари не е предизборна мерка, туку закон од социјален карактер која ќе повлече и раст на просечната плата, животниот стандард на граѓаните а со тоа и на целокупната економија.

Зголемувањето на минималната плата ќе се однесува на сите работници, односно таа ќе треба да биде исплатена и за вработените во кожарската, текстилната и индустријата за обувки.

За таа цел месечно од државната каса за субвенционирање на претпријатијата ќе се одвојуваат по 1,5 милиони евра.

Расправата по другите точки на дневен ред на оваа 12. седница претседателот на Собранието Талат Џафери ја закажа за утре во 11 часот.

Слични содржини