Советниците на Путин во Скопје – Не ви треба ЕУ, зашто се распаѓа

од Vladimir Zorba
361 прегледи

Русија нема да ја спречува или да ѝ се меша на Македонија дали ќе влезе во ЕУ или во НАТО и ќе го почитува тоа, македонскиот народ и Македонија треба сами да одлучат, но треба да имаат избор, порача денес Александар Дугин, првиот советник на рускиот претседател Владимир Путин и креатор на сесловенската стратегија на Русија, од панел дискусијата „Република Македонија во стратешки сојуз со Русија и членство во Евроазиската економска унија“.

Дугин според многумина е и креаторот на антизападната стратегија на Русија.

Панел дискусијата, на која учествува и Леонид Савин, вториот советник на Путин, ја организира партијата Единствена Македонија на Јанко Бачев. Партијата досега се викаше Народно движење за Македонија, но се преименува по урнек на путиновата партија Единствена Русија.

Со напади и предупредувања дека Западот не е добар избор за Македонија, Дугин и Савин, пред околу 300 граѓани во Скопје, рекоа дека Македонија треба да размисли и за опцијата Евроазиска економска унија. Македонија треба да размисли не за членство во ЕУ, која се распаѓа, туку за некаков балкански сојуз и, секако, за приклучување во Евроазиската економска унија, рече Савин.

Претходно, на прашања на новинарите, Дугин не даде конкретен коментар за Договорот за добрососедство со Бугарија и за процесот за решавање на спорот за името со Грција, туку само рече дека „секој сам треба да одлучува за својата иднина и дека е важно сите словенски народи да се обединат“./РСЕ

Слични содржини