Трамп: Ким се радува на состанокот со мене

од desk2

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека добил порака од кинескиот претседател Си Џинпинг, дека неговиот состанок со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун бил добар.

Трамп на Twitter напиша дека Ким се радува на состанокот со него, кој е предвиден да се случи во мај, но до тогаш мораат да бидат задржани санкциите и притисокот на Северна Кореја.

„Добив порака синоќа од Си Џинпинг од Кина дека неговиот состанок со Ким Џонг Ун поминал добро и дека Ким се радува на состанокот со мене. Во меѓувреме, и за жал, максималните санкции и притисокот мораат да се задржат по секоја цена“, напиша Трамп.

Ким од неделата до денеска беше во посета на Кина, неговата прва посета во странство од доаѓањето на власт во 2011 година, потврдија кинеските медиуми и додадоа дека Ким се сретнал со претседателот Си Џинпинг.

Севернокорејскиот лидер изјави подготвеност на престојниот состанок со Трамп да се залага за денуклеаризација на Корејскиот полуостров. Како што пренесуваат кинеските медиуми, Ким изјавил дека е подготвен за денуклеаризација во рамките на волјата на поранешните севернокорејски лидери.

„Нашата постојана позиција е посветеноста кон денуклеаризација на Корејскиот полуостров во рамките на волјата на поранешните лидери Ким Ил Сунг и Ким Џонг Ил“, изјави лидерот на Северна Кореја, чија посета на Кина беше чувана во тајност се до неговото враќање во Северна Кореја.

Слични содржини