Уставниот суд в среда ќе ја одржи првата седница по летната ферија, на која, според агендата, судиите треба да ја донесат конечната одлука за членот 175 од Законот за електронски комуникации, односно дали Упрвата за безбедност и контраразузнавање смее да прислушува преку телекомуникациските оператори.
Овој предмет, заведен под бројот У.бр.29/2015, е прва од петте прифатени иницијативи, за кои уставните судии треба да донесат конечна одлука на седницата, за нивната уставност и законитост.
Иницијативата за укинување на членот 175 од Законот беше прифатена од Уставниот суд на седницата што се одржа на 21 јуни оваа година. Таа предизвика обемна и жестока дебата, во која своите ставови ги кажаа сите деветмина членови на Уставниот суд.
Предлогот на судијката Вангелина Маркудова, која е и судија известител за овој предмет, го прифатија нејзините колеги Сади Мурати, Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта и Газиме Старова. Од другата страна, „против“ беа претседателот на Уставниот суд, Никола Ивановски, и судиите Јован Јосифовски, Елена Гошева и Владимир Стојаноски.
Мнозинството судии на седницата изразија сомнеж дека како што е уреден Законот, преку членовите 168 и оспорениот 175, на УБК и на МВР им се овозможува произволно и неконтролирано следење на комуникациите преку телекомуникациските оператори.
Инаку, доколку има гласање в среда, Уставниот суд ќе ја носи конечната одлука во скратен состав, бидејќи на судијата Исмаил Дарлишта деветгодишниот мандат му истече на 31 јули, а негов наследник Собранието сè уште не именувало. На 7 октомври им истекува мандатот и на судијките Габер-Дамјановска и на Гзиме Старова.
Оспорениот член од Законот за електронски комуникации, кој беше воведен со измените на Законот за електронски комуникации од почетокот на 2014 година, ги обврзува телекомуникациските оператори „сами, на сопствен трошок, да ја обезбедат и да ја одржуваат опремата, соодветниот интерфејс и да воспостават електронски комуникациски водови за пренос до надлежната институција (орган) овластен за следење“.
Укинувањето или измената на членот 175 е и една од препораките во извештајот од 2015 на германскиот експерт, Рајнхард Прибе, но и во новиот објавен неодамна.
„УБК сè уште има директен пристап до техничката опрема што овозможува отсликување на комуникацискиот сигнал“, стои во новиот извештај на експертската група на Прибе, која нотира дека и по две години од препораките во првиот ситуацијата со реформите во следењето на комуникациите останува непроменета./Мета