Членовите на Советот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги да се избираат со двотретинско мнозинство во Собрание откако ќе се пријават на јавен конкурс. Тие треба да бидат професионалци и експерти, а треба да обезбедат поддршка од фелата и од други организации посветени на медиуми. Ова се дел од предлозите на меѓународната заедница кои попладнево на брифинг со новинарите ги презентираше посредникот Питер Ванхауте, кој заедно до партиските работни групи работи на спроведување на договорот од Пржино. Тема на работните групи во изминатиот период се медиумите.
Избраните членови би имале мандат од пет години со можност за реизбор. Се предлага Директорот на Агенцијата да го именува Советот. Во случај на прекршување од страна на некој медиум, Советот ќе отпочне дијалог со медиумот, при што првата мерка ќе биде предупредување, а лиценца ќе се одзема само во случај на ригорозни прекршувања. На сличен начин треба да биде бирани Советот на МРТВ, а меѓународната заедница предлага буџетот на јавниот сервис да биде еден процент од државниот буџет.
Се предлага и намалување на данокот за комерцијалните телевизии од 18 на 5 отсто.
Новинарите поставуваа повеќе прашања од кои најинтересен беше одгворот на Ванхауте по монологот во стилот на „шта се баби снило“ на Драган Павловиќ Латас, на неговите барања и ставови кои се идентични или многу блиски со оние на властаи , наспроти барањата на ЗНМ, ССНМ и МИМ.. Медијаторот мирно одговори:
Пораснете и престанете да играте политички игри, мора да се однесувате како професионалци.
Ванхауте презентираше низа мерки за реформи во медиумите кои се предмет на преговори меѓу работните групи и рече дека новинарите треба да се фокусираат на тоа како да се донесе закон кој нема да биде рестриктивен, а кој ќе ја гарантира професионалноста и независноста на медиумите.
Како што рече тој се уште постојат големи несогласувања во преговорите меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, но дека се надева деновиве партиите да се договорат за пакетот закони.
Како што брифираше, копјата се кршат за Агенцијата за медиуми, составот и нејзиното функционирање.
Партиите се свесни, рече олеснувачот во преговорите, дека оној што има контрола врз Агенцијата, ќе може да ги контролира и медиумите. Затоа, додаде, е многу важно во Агенцијата да членуваат независни експерти и добри познавачи на оваа област.
Медијаторот предлага членовите на Советот во Агенцијата да се бираат со дво-третинско мнозинство во парламентот, откако кандидатите прво ќе конкурираат на јавен оглас.