Велешкиот театар со „Синиот портокал“ гостува во Софија

од Vladimir Zorba
118 прегледи

  Театарот „Јордан Хаџиконстантинов-Џинот“ од Велес со претставата „Синиот портокал“ од Џо Пенхол во режија на Александар Ивановски денеска ќе гостува во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија. 

„Синиот портокал“ е драма за современата психијатрија, за застарените методи на лекување и беспомошноста на докторите да ги лекуваат пациентите без седативи.

– Во време на глобализација, кога сакаме да ги надминеме табуата за разликата во бојата на кожата, националноста и културните наследства кои ги носиме во себе, оваа претставата топло ја брани неправдата која ја нанесуваме некогаш преку негативна, а некогаш преку позитивна дискриминација, наведува Велешкиот театар.

Драматург на претставата е Катерина Момева, сценографијата е на Филип Коруновски, а автор на музиката Сашко Костов. Настапуваат актерите Фаик Мефаилоски, Самоил Стојановски и Жарко Спасовски.

„Синиот портокал“ е трета продукција на Велешкиот театар за 2017 година и со над 30 изведби досега е една од најизведуваните претстави.

Слични содржини