(ВИДЕО) Селмани: Има сериозни индиции за свесно уништување на МПМ, власта во заминување ги злоупотребува медиумите

од Vladimir Zorba

Она што загрижува во случајот со МПМ е тоа што има сериозни индиции дека компанијата свесно се уништува оставајќи без егзистенција стотина фамилии. Менаџментот и сопствениците молчат во врска со информациите во јавноста дека во август 2015 кога на новинарите им се намалувале платите до 20 отсто, на директорката Станисављева и била понудена плата од 25000 евра, вели претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

 

Според него, случајот на уништување на МПМ е еклатантен пример за што служат медиумите во Македонија, поточно, медиумите не постојат за информирање на граѓаните туку за политичка пропаганда на власта во заминување која остава пустош зад себе.

-Медиумскот систем во Македонија е корумпиран, власта во спрега со сопствениците на медиумите ги злоупотребува медиумите, примерот на МПМ е само еден дел од тој мозаик на криминал и корупција што веројатно постои и во другите медиуми, вели Селмани.

Тој во име на Здружението на новинари го осуди однесувањето на менаџментот на МПМ, кој како што кажа, не само што не успеа да ја спаси компанијата туку и се обидуваат да ги избегнат законските обврски за компензација на новинарите.

-Крајно време е сите да се освестиме и медиумите да бидат ослободени од овие валкани игри за останување или за доаѓање на власт, рече Селмани.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници исто така го осуди односот на менаџментот на МПМ со новинарите. Претседателката на ССНМ, Тамара Чаусидис, изјави дека мора да се стави крај на уништувањето на економскиот и социјалниот статус на новинарите. Чаусидис информираше дека ССНМ и ЗНМ се во постапка за кривична пријава против менаџментот на МПМ за склучување договори кои не одат во прилог на новинската агенција и што е дирекна причина за пропаѓањето на компанијата.

-Информациите за МПМ кои излегоа во јавноста се сериозна индиција која подразбира кривично гонење и ние веќе сме во постапка за кривична пријава за вклучување штетни договори, злоупотреба на службената должност која што свесно ја однесе фирмата во финансиски тешкотии, ги намали платите на новинарите и на крај дојде до затворање на печатените изданија на весниците и на оставање луѓе без работа, вели Чаусидис.

Според неа, злоупотребата на службена должност и свесното носење на фирмата во пропаст е нешто што не е дозволено според закон.

– Преку високи и штетни договори се излвекуваат парите од фирмата, МПМ според нашите сознанија последните две години работи со загуба. Во таква ситуација да склучувате договори на високи суми не значи ништо друго освен злоупотреба на службената положба, рече Чаусидис.

Синдикатот на новинарите и медиумските работници побара од институциите да влезат во МПМ и да истражат што точно се случува и за какви се договори се работи.

– Ние имаме информации за она што е објавено веќе подолг период, но ништо не се случи. Очекуваме тоа сега да се промени и токму преку овој пример да запре јавашлукот и користењето на компаниите за извлекување на пари и други криминални дејности, вели Чаусидис./a1on

 

Слични содржини