Јавното обвинителство како најповиканата државна институција кое цело време молчи и не кажува дали започнало предистражна постапка за сите досега објавени „бомби“ од лидерот на СДСМ, денеска од граѓанските организации здружени во Платформата за борба против корупцијата доби 30 дена да преземе мерки и да ги истражат сите криминални активности кои јасно и недвосмислено можат да се слушнат од снимките кои ги објавува Зоран Заев.
Претседателката на Транпаренси Интернешенел во Македонија и експерт за кривично право, Слаѓана Тасева истакна дека Јавното обвинителство е должно не само да се произнесе по нивното барање, туку тоа треба да го стори во рок од 30 дена.
– Јавното обвинителство е должно да испита се од тоа што јавноста дозна од снимените материјали. Треба да испита се во врска со низата незаконитости – нагласи Тасева.
„Објавените снимки треба да бидат предмет на истрага поради постоење на основи за сомневање за незаконско прислушување, а со цел утврдување кој ги снимал разговорите и ја нарушил приватноста на граѓаните. Бараме содржината на снимките да биде посебно и внимателно испитана, затоа што разговорите укажуваат на можни незаконски активности. Без разлика кој е изворот на снимените разговори, содржината сугерира дека има корупција, вклучително и масовна злоупотреба на службената положба, дела што се казниви и кои се гонат по службена должност“, побараа денеска граѓанските друженија.
Во нивното барање ги повикува Јавното обвинителство, Судскиот совет и Државната комисија за спречување на корупција веднаш да започнат постапка./+Инфо