Ѓорчев: Претседавањето со ОБСЕ е верификација на македонската држава

од Nikola Popovski
542 прегледи

ОБСЕ е една важна организација која што се грижи за безбедноста во општеството на 57 земји-членки. Апсолутно претседавањето со ОБСЕ за Македонија значи афирмација во меѓународен поглед затоа што кога се раководи со една таква крупна организација значи и способност на државата да биде во тие меѓународни текови и регулирање на прашањето за безбедноста на целиот европски контитент и пошироко, вели за „Локално“ поранешниот амбасадор и дипломат Марјан Ѓорчев за нашето претседавање со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).

Според него, конференцијата за безбедност и сигурност е многу важна за она што претставува еден стандард на мир, соработка и коезистенција и тоа на Македонија ѝ дава една меѓународна верификација.

-Претседавањето со ОБСЕ е верификација на македонската држава, потенцира Ѓорчев.

Дипломатот истакнува дека речиси сигурно е дека клучна точка во нашето претседавање со ОБСЕ ќе бидат жариштата во светот, а едно од тие е и Украина.

-Главен чинител на иницијативата ќе биде изнаоѓање на мировно решение. Украина ќе биде најсушствено прашање. Во ОБСЕ на иста маса се и Русија и Украина и тоа ќе биде многу непријатно и жестоко. Секој состанок на ОБСЕ ќе биде конфронтирачки затоа што се две спротивставени страни, независно што Русија се третира како агресор, а Украина како нападната земја, ни рече Ѓорчев.

Додава дека факт е дека ситуацијата за Европа е многу неповолна.

-Предизвикува многубројни кризи и ќе донесе големи последици во демократијата, во депопулацијата на целиот регион, но и последици во соседните земји на Украина и дел од земјите од ЕУ. Треба голема умешност, голема доследност, познавање на состојбата во Украина и да се влечат козистентни потези согласно нашето членство во НАТО, пред се, имајќи ја во предвид и улогата на Воената алијанса. Нашата позиција која ќе биде претставена таму, ќе значи наше позиционирање во однос на европскиот систем кон кој ние се обидуваме да бидеме дел. Нашата позиција нема многу маневарски простор и треба да биде позиција како онаа на НАТО алијансата, порачува соговорникот.

Ѓорчев е дециден дека за нас да го искажеме нашиот став.

-Тој треба да биде мирољубива козистенција, залагање за мир во Европа и светот, залагање за решавање на конфликти преку дијалог и тоа Македонија и го правела. Секогаш средбите со претставниците на ОБСЕ претставувале еден многу важен елемент за оценка на способноста на македонското политичко раководство и македонската политичка култура која што дава една референца за нашата подготвеност за членство во ЕУ и дали ги почитуваме и следите препораките и стандардите на НАТО алијансата, прокоментира поранешниот амбасадор за нашите приоритети со претседавањето со ОБСЕ.

Н.П.

Слични содржини