АППТ во рамки на проектот од ИПА 2, добиен при апликација на повик за прекугранична соработка со Република Грција во Струга ја одржа првата од сетот работилници во коишто се претставува самиот проект, а предвидени се и обуки за активни форми на туризам и како тие влијаат врз локалниот економски развој. Следни вакви работилници ќе се одржат во Битола и Струмица. Во самиот проект дополнително се предвидени и десет стартапи и инволвирање на младите луѓе до 29 години да размислуваат за туризмот, активните форми на туристичката понуда и да се мотивираат што повеќе да основаат свои компании, но и да отпочнат бизниси токму во оваа сфера.
Директорот на АППТ Љупчо Јаневски на работилница од ИПА 2 проектот во рамките на Интеррег ИПА ЦБЦ програмата за меѓународна соработка „Грција – Република Северна Македонија 2014-2022″ одговарајќи на новинарски прашања во однос на туристичкиот сектор и енергетската криза најави дека треба да сe помогне во туристичката индустрија на оние кои работеле и прометно влеале поголем данок.
„Не се откажуваме од оние кои на некој начин се обидуват да опстојат, но се уште не се вратиле од шокот од пандемијата, тоа не треба да ни биде изговор за можеби нашите недостатоци кои овие две години не успеавме да ги надминеме. Треба да дадеме на тие што сакаат да работат и да вратат во самиот буџет. И во 2022 година покажавме дека имаме голема сива зона во туристичката индустрија. Таа не може да помогне на никого“, изјави Јаневски.
Јаневски потенцира дека пандемијата го направила своето во однос на кризата во туристичкиот сектор, но се надева идната година да се надминат резултатите од 2019 година. Очекува бизнисот да предложи потребни мерки, кои преку Советот и Агенцијата за туризам ќе бидат проследени до Владата за да се помогне во туристичката индустрија.
„Тоа што можеби требаше да го правиме пред неколку години сега ни се врати како бумеранг. На Охрид и на Струга повеќе нема да им недостасуваат зелени хотели. Соларните панели веќе се местат, но тие можеа да се наместат и малку порано, но можеа и малку подоцна“, истакна Јаневски.
Подвлече и дека на брегот на охридското езеро овој период во поголем дел од хотелите се одржуваат семинари и конгреси, но и дека некои капацитети се целосно закупени за новогодишните празници со странски и тур оператори од регионот.