Не стивнуваат реакциите откако вчера лидерот на БЕСА Биљал Касами, ги услови уставните измени со предвремени избори и најави протести ако ова барање не наиде на слух кај власта. Премиерот Димитар Ковачевски уште еднаш повтори не функционира под уцени и притисоци. „Изборите ќе бидат во 2024 година. Прашањето за уставните измени е сериозно и тоа е државничко затоа што значи заокружување на процесот на отворање на кластерите во преговорите со ЕУ. Ова е прашање на принципи дали некој го поддржува европскиот пат или не го поддржува. Условувања за вакви прашања се неприфатливи“, рече денеска Ковачевски на прес-конференција запрашан како ги коментира условите што Касами ги навести вчера.
Поранешната пратеничка во Собранието, Никица Корубин во разговор за „Локално“ вели дека Уставните измени за влез на Бугарите во Преамбулата на Уставот, како дел од народи кои живеат во Северна Македонија, како и сите други, е обврска што произлегува од преговарачката рамка, за да може да продолжи преговарачкиот процес и после завршувањето на скринингот и отварањето на поглавјата, и само така треба да биде третиран овој процес.
-Тоа што политичките партии секоја постапка ја посматраат низ партиска призма, и ја одмеруваат низ сопствениот интерес е проблем сам по себе. Во таа смисла БЕСА и ВМРО ДПМНЕ или се или не се за уставни измени, не може ставот да зависи од тоа дали ќе има или нема избори. Затоа што во таква ситуација тоа е уцена кон државата, а не кон власта, порачува Корубин.
Таа е децидна дека за државата е приоритет промена на Уставот, а не за власта, која во моментов управува со
државните институции.
-Токму затоа, во еден мој текст кажав, дека во однос на уставните измени, треба да се изјаснат сите политички партии, дали се за уставни измени без разлика дали се во моментов на власт или во опозиција или обратно и хипотетички, дали СДСМ, ДУИ, Алтернатива и сите други помали партии и доколку утре би биле опозиција би биле за уставни измени? Само така може да се одвои партијата од државата, односно само така можеме да видиме дали партиите повеќе се грижат за сопствениот интерес или за интересот на државата. Токму затоа јас ги одвојувам овие два процеса и за мене се неспоиви. Во однос на можни предвремени избори, јас секогаш сум на став дека мандатот од четири години е со причина и дека треба да биде исполнет целосно. Ново мнозинство е можно и без избори, затоа што константното повикување на избори, во основа ја суспендира смислата на самите избори и волјата која веќе еднаш е изразена на нив од страна на граѓаните. Затоа што таа волја е важна, а не волјата на партиите, истакна Корубин.
За неа не би било ништо чудно и изненадувачки, доколку ВМРО-ДПМНЕ и БЕСА влезат во коалиција во пресрет на следните парламентарни избори, како што вели, ако се гледа како опортуно кај нас се менуваат
позициите на партиите и нивните (не)принципиелни коалиции.
-Да потсетиме на последните избори токму БЕСА беше во коалиција со СДМС, а сега е во опозиција, а во владеачката коалиција е Алтернатива, која на изборите беше со Алијансата на Албанците, со опозицион став. Апсурд? Веројатно секаде на друго место, освен кај нас. Кај нас, во вакво партократско општество, каде државата суштински е потчинета на партиската логика и интерес, ништо не е за изненадување. Прашањето е кој е интересот кој би ги споил БЕСА И ВМРО, и особено како може тој претпоставен интерес, на било кој начин да биде поголем од интересот на државата за непречено продолжување на преговорите со ЕУ, во вакво сложено време, преку промена на преамбулата на Уставот?, ни објаснува Корубин.
Додава дека потенцијалот на една политичка партија за коалиција, зависи од нејзиното поведение и нејзините стратешки определби.
-Би требало да зависи и од нејзината идеологија, провиниенција, вредности; но во наш случај на целосно бришење на границите по тој основа, веќе е речиси комично да говориме за “идеолошки сличности”. Оттаму, за мене главното прашање е дали ВМРО-ДПМНЕ и понатаму е партија, која можеме да ја третираме како проевропска или не? На дела, не на зборови, затоа што декларативно сите се поголеми Европејци од Европејците. Поведението последнава година, отвара голема дилема. Чесно е да се каже , не само кај ВМРО-ДПМНЕ, но еве во контекст на прашањето, дилемата е за нив. Оттаму, покрај латентната алабанофобија, која се негува во општеството, покрај новиот тренд на бугарофобија, поттикнат директно или индиректно токму и од одредени политички партии,
дали за БЕСА е прифатливо да биде во коалиција со партии за кои има токму ваква дилема? И, пак доаѓаме до интересот, кој е тој интерес што би споил навидум елементарно неспоиви партии, доколку декларативноста во изјавите би ги преточиле во дела, вели поранешната пратеничка.
На прашањето дали после ваквите услови, на маса може да се најде и барањето за бришење за формулацијата „20%“, Корубин смета дека „ако бевме зрело општество до сега формулација за 20% одамна требаше да биде апсолвирана работа и замената со албански јазик“.
-Ако стравот од јавноста, на условно кажано, македонските политички партии, бил толку голем пред 20 години, како и неспремноста на македонското општество за прифаќање на цивилизациски вредности како употреба на јазик; па албанскиот јазик морал да се “замаскира” во 20%, зошто тој страв би бил се уште толку голем, 20 години подоцна, па се уште е тема замена на навредлива формулација, како што е 20%? Очекувам да се најде на “партиските маси”, но не очекувам да биде услов за уставните измени, од истите причини кои ги споменав, одделување на државните интереси и неопходност во моментов. Но, очекувам, како знак на зрелост, македонските политички партии, од власта и опозицијата да предложат промена и во овој дел на уставот; кои да потсетиме беа многу гласни за “одбрана на македонскиот јазик и македонскиот идентитет”. Само така ќе покажат дека мотивите не биле и поинакви, туку биле изворна и вистинска грижа за идентитетот на било кој граѓанин на Северна Македонија, ни рече поранешната пратеничката во Парламентот.
Политичкиот аналитичар Благојче Aтанасовски се согласува дека предвремени парламентарни избори во овој момент не се приоритет, бидејќи редовните доаѓаат за 15 месеци.
Тој во разговор за „Локално“ вели дека ќе се потрошат многу пари за изборен циклус, а пак потоа и да победи опозицијата ќе мора да има консензус за вметнување на Бугарите во Уставот.
-Уште повеќе, ДПМНЕ ќе биде таа што ќе мора да гласа за внесување на Бугарите во Уставот и да го тера тој процес како евентуална владејчка партија. Најавата на БЕСА за радикализација, доколку не и се исполнат барањата се политички гнасни уцени кои на крајот ќе и се удрат од глава на таа партија и на нејзиниот лидер. Ако не веруваат, нека го видат примерот со Зијадин Села и кај е тој сега со таква реторика – политички мртовец!, истакнува Атанасовски.
Тој оценува дека опозицијата, предводена од ВМРО – ДПМНЕ, постојано го користи прашањето за отворање на Уставот за вметнување на бугарското малцинство, како отворена можност за предизвикување на политичка криза, која би завршила со евентуални предвремени парламентарни избори, час поскоро.
-Сепак тоа е меч со две острици : доколку лидерот на ДПМНЕ опстои на политичкиот избор и не ги гласа потребните уставни измени, може да го задржи својот политички рејтинг кај тврдокорнито гласачко тело, но ризикува да биде прогласен како отворен анти западен елемент во меѓународната заедница, особено кај Американците. И обратното, ако гласа, ризикува да ги изгуби своите радикални гласачи и истите да отидат на конто на крајнорадикалната и ултра популистичка десноориентирана и националистичка партија со номинално име,, Левица “. Само се чудам зошто БЕСА ги условува овие уставни измени, кога тоа на крајот ќе биде крајно неопортуно за оваа етничко албанска политичка партија, ем кај меѓународната заедница ем кај нејзиното гласачко тело, бидејќи ќе биде перцепирана како патерица на ДПМНЕ, посочува Атанасовски.
Аналитичарот е дециден дека соработка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и БЕСА може да има целисходност само за најголемата опозициска партија, а за БЕСА тоа ќе значи политичка смрт.
-Тоа ни го покажа примерот со Алијансата за Албанците кога на минатогодишните локални избори, наместо да порасне, тие паднаа споредбено со парламентарните од 2020, за да целосно се струполат на вонредните локални избори за Советот на Општина Тетово. Радикалноста во реториката и отвореното антиалбанство на Мицкоски и ДПМНЕ како партија ќе ги направи БЕСА политички одвратни во очите на етничките Албанци и тие ќе ја поистоветуваат како партија која работи против интересите на Албанците во Македонија, смета Атанасовски.
Сепак оценува дека тешко може да дојде до коалиција меѓу партиите во пресрет на следните парламентарни избори.
– Не ми се верува, бидејќи ќе имаат разидување, почнувајќи од употребата на албанскиот јазик, па до сет на други прашање од етничко албански карактер. Таква коалиција ќе биде добитна за ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи нивните гласачи ќе гласаат и за таква листа со БЕСА, но за БЕСА ќе биде погубна, бидејќи ќе исчезне како политички ентитет, објасни политичкиот аналитичар.
Атанасовски исто така изјавува дека е важно да се исфрли формулацијата 20% бидејќи делува деградирачки.
-Може многу едноставно да се постави зборот „граѓаните кои го зборуваат над 20% албанскиот јазик, односно зборот албански пред 20%“ и да се реши овој „проблем“. Не треба да биде тоа во замена на гласовите на БЕСА за вметнување на Бугарите во Уставот, туку едноставно да биде како наше созревање на едно општество дека ништо страшно нема да се случи, доколку го направиме тоа, ни рече соговорникот.
Н.П.