Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска информираше дека очекува да се одржи консултација со шефот на државата Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски и да се одлучи дали поранешниот директор на АНБ, Виктор Димовски ќе стане амбасадор во Париз, по случајот со државјанството на контроверзниот Украинец, Олесандар Онишченко.
-Процедурата е до фаза кога треба да помине во Собрание во Комисија за надворешна политика, бидејќи е добиен агреманот, одбранети се тезите и треба да оди во Комисија за надворешна политика. Меѓутоа, како што знаете и претседателот иницираше процес на консултации помеѓу претседателот, премиерот и мене, како министер за надворешни работи, за да ја процениме состојбата после овој развој на настани и после ќе донесеме на одлука. Досега нема донесена одлука по однос на амбасадорот, но верувам наредните денови ќе имаме таква консултација – изјави денеска Османи на брифинг со новинарите.
Пендаровски ќе изврши дополнителни консултации во однос на заминувањето на Димовски во Париз.
-Независно од фактот што Република Франција пред неколку месеци даде агреман за поставување на Виктор Димовски за амбасадор на Република Северна Македонија во Париз, претседателот Пендаровски смета дека поради најновиот развој на настаните потребно е да се направат дополнителни консултации со кабинетот на премиерот и Министерството за надворешни работи, соопштиле од Кабинетот на Пендаровски.
-Дали досегашниот директор на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски ќе биде следниот амбасадор во Франција треба да одговорат Собранието и претседателот на државата, постапката за него во Владата е завршена одговори изјави пред неколку дена Ковачевски на новинарското прашање.
Агенцијата за национална безбедност е една од институциите, која дала позитивно мислење Онишченко, кој е на црната листа на САД, да добие македонско државјанство. Веќе е назначен нов директор на оваа институција Зарко Милошевски, на местото на Димовски.