Ќе се стеснува групата на производи со повластени даночни стапки, најави Лукаревска

од Vladimir Zorba
144 прегледи

Даночната реформа е во фаза на подготовка и ќе донесе промени кај ваучер системот, како и стеснување на листите на добра и услуги со повластени даночни стапки, изјави денеска директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска.

-Ќе има промени во делот на ваучер системот. Тоа се работи интензивно во дел на една работна група, односно да го закајнеме контролниот механизам. Меѓутоа, сепак и тоа ќе биде дел од даночната реформа, ќе има ревидирирање на онаа листа што значи добра и услуги со пет проценти повластена стапка, и она што значи добра и услуги со 18 проценти повластена стапка. Исто така, ќе има ревидирање на одредени даночни ослободувања и олеснувања за посебни целни групи за да видиме дали истите тие целни групи го даваат соодветниот ефект во полнењето на буџетот, изјави Лукаревска на новинарско прашање по дебатата за женско претприемништво организирана од УЈП.

Таа не сакаше да го коментира интервјуто на министерот за финансии за Дојче Веле кој спомена дека ќе се интервенира, кај ДДВ-то, Данокот на личен доход и данокот на добивка, и најави дека тоа ќе биде тема на разговор на денешниот состанок во Министерството за финансии каде што се дефинираат сите поенти од даночната реформа, која откако ќе се дефинира ќе биде споделана со јавноста и даночните обврзници.

Лукаревска потврди дека ќе се стеснува групата на производи со повластени даночни стапки бидејќи вели, сме една од ретките земји и во регионот и во Европа кои што имаат многу голем број и на услуги и на производи кои се одданочени со повластена даночна стапка од пет отсто. Посочи дека од системски аспект УЈП ќе се обидат да ги запазат сите рокови со цел брза имплементација на промените во даночниот систем кој би требало да почне да се спроведува од 1 јануари, следната година, потенцирајќи дека ќе инсистираат навреме да бидат информирани за сите детали како институција која е главна спрега меѓу Министерството за финансии, компаниите и физичките лица.

Лукаревска се осврна и на евентуалните избегнувања на наплата на ДДВ од страна на фирми кои од отворен се префлија на регулиран пазар на електрична енергија.

– Ние го добивме списокот пред можеби една недела, претходно список на такви фирми немаме добиено, како што беше испрезентирано во јавноста. Направивме координиран состанок со Финансовата полиција и со претставници од Регулаторната комисија за енергетика. Во делот на постапувањето Финансовата полиција со свои екипи е излезена на терен и направена е контрола на дел од тие компании. По нивните утрврдени наоди, тогаш ние ќе имаме можност да постапуваме. Во моментот Законот за енергетика е оној по кој што треба да се постапува и од Министерство за економија и од страна на РКЕ, рече Лукаревска.

Во однос на капацитетите на инспекторатите, Лукаревска вели дека сите инспекторати имаат проблем со намален број инспектори, и најави дека тоа ќе се решава со огласи за нови вработувања, но и со трансфери на вработени од други институции кои ќе треба да поминат низ соодветна обука.

Слични содржини