Билатерално ќе имаме многу бурна и непродуктивна година, изјавил за „БНР“ европратеникот Илхан Ќучук за односите на релација Скопје-Софија.
Според неговите зборови, враќањето на ветото за Република Северна Македонија би било огромна грешка: „Тоа би била огромна грешка. Ветото на ниту еден начин не влијаеше на добрососедските односи. Сосема спротивно. Почнаа слични типови на провокации, повеќе или помалку, од самото наметнато вето“.
Ќучук го осуди немилиот настан со нападот на секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“. Тој ја дефинира тензијата меѓу двете земји како висока и додаде дека „не стивнува во многу правци“.
Европратеникот го нагласи и механизмот за следење и „мерење“ на говорот на омраза, посочувајќи дека министерот за надворешни работи Бујар Османи, создал „голема екипа, во која ќе има и претставници на бугарската заедница од земјава“.
На прашањето како Брисел ќе реагира доколку Скопје спречи одредени бугарски европратеници, политичари и јавни чинители да присуствуваат на чествувањето на роденденот на Гоце Делчев на почетокот на февруари, Ќучук одговорил: „Нема како европските институции да поттикнат такво однесување од страна на македонските власти. Ниту Брисел, ниту Стразбур можат да го прифатат ова како нормален пристап“.