Претседателот на Собранието и член на Претседателството на ДУИ, Талат Џафери денеска информира дека гостиварскиот огранок на партија не е задоволен со учеството во извршната власт и од новиот состав на партијата.
Тој вели дека се очекува да има поинаков пристап во партијата.
Запрашан дали во ДУИ има фракции и на која тој и припаѓа, Џафери вели дека не припаѓа на никаква фракција и оти ова што го кажува е во доменот на негово мислење и оти тоа е демократски.
Собранискиот спикер истакна дека не реферира пред партијата, туку пред граѓаните и дека има извештаи за неговата работа.
Во однос на уставните измени, Џафери исто како и премиерот Димитар Ковачевски, е на мислење дека политичките партии треба да се состанат во врска со уставните измени. Тој рече дека премиерот укажал на потребата на меѓупартиска консултација, бидејќи уставните измени не можат да се донесат без двотретинско мнозинство.