Пратениците на Демократската партија во албанскиот парламент денеска во знак на протест запалиле столчиња пред таа институција, откако претходно неуспешно се обидоа да ја блокираат работата на Собранието.
Тие протестирале уште во салата за седници, откако претседателката на Собранието Елиса Спиропали ја прочитала одлуката за престанок на мандатот на пратеникот од редовите на истата партија, Ервин Салијањи.
Салијањи е осуден на една година затвор откако јавно го обвини братот на поранешниот министер Фатмир Џафај за трговија со дрога.
Пратениците на Демократската партија се обиделе да ја блокираат собраниската седница, но биле спречени со интервенција на Гардата.
Тие тогаш своето незадоволство го изразиле пред зградата на Собранието. Ги извадиле столчињата од собраниската сала и ги запалиле пред влезот.
Координаторот на пратеничката група на Демократската партија, Газмент Барди истакнал дека не се работи за нивните фотелји, туку за заштита на јавниот интерес.
„Рама ја запали Албанија. Тој сака да ги преземе мандатите на пратениците од опозицијата. Не сме тука за нашите фотелји, туку за заштита на јавниот интерес. Вистината не може да се сокрие“, изјавил Барди, кој претходно телефонски ја пријавил заканата што ја добил во обвинителството, а за која ги известил и амбасадите на САД и Велика Британија и Мисијата на ЕУ во Тирана.
Демократската партија одлучи да ги прекине сите институционални односи со мнозинството и најави протест за 7 октомври.
На ваквите потези на демократските пратеници реагираше претседателката на парламентот, Елиса Спиропали, која рече дека палењето столови претставува непочитување на граѓаните и демократските институции.
„Пратеникот на опозицијата рече дека „нашите фотелји се на граѓаните“. Тоа е сосема точно и затоа тие столчиња треба да се почитуваат со седнување на нив со доверба од граѓаните. Нивното палење го докажува најекстремното ниво на непочитување на граѓаните, законите и институциите на една демократска држава“, напишала Спиропали на Фејсбук.
Таа додадла дека само „најголемите клеветници и уништувачи на демократијата ги палат парламентите“.
„Денешните акти на насилство во салата го претворија собранието во место на злосторство, кое треба да го истражат надлежните органи“, додала спикерката која неодамна беше во официјална посета на Македонија.