Од Националниот парк „Шар Планина“ споделија видео-објава на социјалните мрежи, на која може да се забележи како поголема мечка се шета со своите две малечки мечиња.
„Кафеавата мечка е еден од највпечатливите и најзначајни видови на Шар Планина. Овој сештојад вид се храни со растенија, плодови, инсекти, како и со мали и поголеми животни. Како строго заштитен вид, мечката има суштинска улога во одржувањето на природната рамнотежа во нашиот национален парк и пошироко на Балканот. Во видеото што го споделуваме, планинари на високопланинските пасишта среќаваат мечка со две мечиња, родени во јануари–февруари 2025 година. Малечките во следните две години ќе учат од својата мајка како да преживуваат и се приспособуваат во дивината. Во видеото тие се љубопитни, но се оддалечуваат од луѓето, избегнуваат средба – типично однесување за мечки“, велат од Националниот парк во објавата.
Во видеото, малечките љубопитно ја набљудуваат околината, но веднаш се оддалечуваат.
Во објавата од Националниот парк споделија и неколку совети околу евентуални средби со мечки.