И покрај апелите и предупредувањата од надлежните, од трибините на Националната арена „Тоше Проески“ синоќа во Скопјe, неколку пати за време на натпреварот помеѓу Шкендија и Карабах можеа да се слушнат повици за „Илирида“ и „Голема Албанија“.
Ова не е прв пат навивачите на Шкендија да предизвикуваат скандали од ваков тип. Да потсетиме, на натпреварот против Брера во минатогодишното издание од Првата македонска фудбалска лига не се придружуваа до едната минута молчење во чест на загинатите и повредените во трагедијата во Кочани. Наместо тоа, навивачката група „Балисти“ од трибините исвиркуваше и пееше песни за УЧК.
Инцидентот доаѓа во чувствителен момент, имајќи предвид дека неодамна Министерството за внатрешни работи реагираше на слични испади на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија во Куманово. Покрај полицијата, и Обвинителството покрена истрага. Сега јавноста очекува дали МВР ќе излезе со официјална реакција и за овој случај, имајќи го предвид потенцијалот за нарушување на јавниот ред и мир, како и нарушување на угледот на спортските манифестации во земјата.
На теренот, синоќешниот натпревар заврши со минимален пораз на Шкендија, 0:1.