Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави видео на социјалните мрежи на кое се прикажува расчистувањето на просторот во Градскиот парк каде што е предвидена изградба на новиот Луна парк. Тој информира дека се отстрануваат старите бесправно изградени дискотеки и дека локацијата се подготвува за реализација на проектот.
„Ред мора да има. Се расчистува просторот за изградба на Луна паркот, старите бесправно изградени дискотеки во Градскиот парк заминуваат во историјата.
Како што ветив – најдоброто за Скопје!“, напиша Ѓорѓиевски.
Проектот за Луна парк е дел од планот на градот за модернизација на рекреативните површини и обезбедување безбедна и пријатна средина за сите посетители на Градскиот парк.
Градоначалникот уште во декември минатата година информираше дека е започната постапката за јавна набавка за проектирање и монтажа на новиот луна парк. Според најавите, комплексот ќе се простира на површина од 84.000 квадратни метри и ќе понуди богата содржина за сите возрасни групи. Панорамско тркало, пиратски брод, подморница, среќна лулашка, интерактивни игри, зони со виртуелна реалност се дел од реквизитите кои, според градоначалникот, ќе бидат дел од новиот Луна парк.