📷Арсовска добила закана од полицаец и го праша Тошковски дали „ваквите кадри треба да ја гарантираат безбедноста“

од Nikola Popovski
351 прегледи

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска објави дека добила закани од страна на вработен во МВР. Арсовска ја сподели заканата во вид на коментар на социјалните мрежи. Притоа, таа упати повеќе прашања до министерот Панче Тошковски.

„Синан Алили кога го прашав дали ми се заканува или така ми се чини инстант го избриша коментарот. Сигурно од Министерството за внатрешни работи и Панче Тошковски се исклучително горди на овој свој полицаец.

И сега да прашам, ми препорачува Синан да бидам добра и глас да не ми се слуша. А ако според него не сум и не молчам тогаш што?

Овие кадри треба да ни ја гарантираат безбедноста Панче? До сега полицијата не постапуваше по заканите, сега полиција се заканува, што е следно…

Да, жена сум и не ви се плашам, ама дека не постапувате и штитите криминалци кои со фалсификат документи имаат стекнато над 150 згради вредни милиони, гледа народ“, информира градоначалничката.

По неодамнешните објави за наводен криминал со дивоградби на територија на општина Чаир, Арсовска постојано тврдеше дека е мета на закани по живот. Таа вчера упати и писмо до евроамбасадорот Михалис Рокас во кое побара да ѝ пренесе на еврокомесарката Марта Кос дека добива закани и дека „во Македонија, мафијата си има своја држава“.

На почетокот на месец јуни, премиерот Христијан Мицкоски порача: „Јас навистина жалам ако се случува тоа да градоначалничката на Скопје Данела Арсовска добива закани по живот и ја охрабрувам веднаш да појде во МВР, а МВР да испита кој е заканувачот и веднаш да постапи по истите“.