Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска продолжи со обвинувањата и „ловот“ на дивоградби во општина Чаир. Во својата последна јавна објава, градоначалничката упати нови обвинувањата за градоначалникот, Висар Ганиу.
-Нека му пренесе некој на Висар Ганиу дека ни ова не му е оставено во наследство од баба му, бидејќи тврдеше дивоградбите ги наследил, а овде сега се гради. 50 нови згради во моментов и никој не реагира. Немаат дозволи, немаат проекти, крадат вода, крадат струја. Вие плаќајте даноци и скенирајте фискални, објави утрово Арсовска, прикажувајќи сателитски снимки од градењето на територија на Чаир.
Градоначалничката вели дека е обврзана да пријави кога се оштетува Буџетот на градот.
-Вработените во администрацијата на град Скопје и јас како градоначалник, кога имаме информација или пријава дека се оштетува буџетот за градот и кога сме сведоци на докази за фалсификувани службени документи, согласно закон сме обврзани истото да го пријавиме, во спротивно со молк стануваме соучесници во криминалот со незаконските легализации, додаде Арсовска во својата објава.
Според Арсовска, за претходно посочените 150 згради во Чаир се нема платено ниту еден денар комуналии. Градоначалничката тврди дека сите скопски општини се проверени и во ниту една општина нема дивоградби како што има во Чаир. Таа минатата недела на прес-конференција изјави дека до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е доставена обемна документација од 3.200 страници.
Додаде дека во ниту една друга општина во Скопје не е забележан криминал од ваков размер. Во однос на најавата на Ганиу дека ќе ја тужи, Арсовска одговори дека е подготвена да се соочи со него.
-Ќе ми биде задоволство да го соочам со сите овие докази, било каде и на било која платформа, рече градоначалничката минатата недела.