📷Автобусите од ЕУ пристигнаа во гаражите на ЈСП

од Nikola Popovski
236 прегледи

Донацијата од ЕУ преку шест еколошки автобуси пристигна во гаражите и дирекцијата на ЈСП Скопје во Автокоманда. Автобусите денеска ќе бидат промовирани во присуство на директорот на ЈСП, градоначалничката на Град Скопје, министерот за животна средина, како и делегација на ЕУ во земјава.

Според информации, автобусите уште претходно пристигнале во земјава, но стоеле во складиштата на Царината.

Секој автобус е со капацитет од 98 патници (69 стоење + 29 седишта), вклучувајќи и за лицата со попреченост, со што дополнително се подобрува нивниот пристап до основните услуги и се обезбедуваат можности за пристапен јавен превоз и безбедна урбана мобилност.

Се очекува автобусите да претставуваат значаен чекор во патот на Град Скопје кон намалување на емисиите, подобрување на квалитетот на воздухот и промовирање на одржлива урбана мобилност.

Како што информираа од градската администрација, шесте еколошки автобуси се резултат на проектот на кој Град Скопје аплицираше до ЕУ, на кој веќе 2 години активно работи секторот за меѓународна соработка а го набавката ја реализира УНОПС. Со овој проект преку поддршката на ЕУ за Град Скопје се обезбедени шест еколошки CNG автобуси, се подигаат урбани зелени појаси со над 3000 дрвја, меѓу кои и во Мега паркот во Карпош каде наскоро ќе се засадат нови 1.000 дрвја, а дополнително се изработува Физибилити студија за проширување на тополоводната мрежа во Скопје.

Оваа донација следи откако автобусите на ЈСП престанаа да сообраќаат поради немање нафта, по што Владата одлучи да му позајми на град Скопје нафта од нафтените државни резерви. Ден после оваа одлука, жителите на Шуто Оризари, предводени од нивниот градоначалник Курто Дудуш, протестираа пред општинските бараки и бараа оставка од градоначалничката, бидејќи во оваа општина повеќе од 730 денови нема превоз. Скопјани веќе подолг временски период мачат мака со јавниот градски превоз.

Од актуелниот мандат на градската власт во Скопје, како и во останатите општини, се потрошија речиси повеќе од три години. Последните локални избори се одржаа во октомври 2021, а следните треба да се организираат истиот месец наредната година.

Градоначалничката Данела Арсовска дојде на градоначалничката функција како кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во 2021. Тогаш премиерот Христијан Мицкоски велеше дека на Скопје му треба „менаџерка“ и дека таа ќе го направи Скопје модерен град.

Слични содржини