📷„Командант“ ѝ се заканува на Арсовска: „Стопирај ја муцката, Господ нема те спаси…“

од Nikola Popovski
635 прегледи

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска обелодени дека постојано добива закани по социјалните мрежи. Според последната објава, заканите се од лице кое се потпишало како „Командант Ламши“.

– Нов ден, нов командант, нови закани – напиша Арсовска на Фејсбук, при што сподели и фотографии од коментари кои ги оставале граѓани најверојатно под нејзините објави.

„Стопирај ја муцката да не ти ја стопирам јас, што значи кога командувам, биди сигурна дека ниту Господ ниту Алах нема да те спасат…“, стои меѓу другото во заканата.

Како коментар на заканите, градоначалничката одговори:

„Команданте, многу си јак. Што ќе правиш, ќе ме убиваш, ќе ми направиш нешто на мене и моето семејство, како ќе ја реализираш заканата? Додека не постапат институциите по доказите што им се доставени и објавени, нема да молчам. Џабе се заканувате“, порача меѓу другото Арсовска.

Претходно Аровска објави „Командант на ОВК со надимак „Барут” го пуштиле да се обидува да ја заплаши и гневот на Албанците да го насочи кон мене“. Арсовска јавно го обвини и полицискиот службеник Синан Алили дека ѝ упатил заканувачки коментари на социјалните мрежи. Во објава на својот профил на Фејсбук, Арсовска напиша дека по нејзино прашање дали се работи за закана или ѝ се причинило, Алили го избришал коментарот.

„Сигурно од Министерството за внатрешни работи и Панче Тошковски се исклучително горди на овој свој полицаец“, напиша Арсовска.

Градоначалничката додава дека и покрај тоа што е жена, не се плаши, но ја обвини полицијата дека не постапува по вакви случаи и дека, според неа, штити криминалци за кои вели дека со фалсификувани документи стекнале над 150 згради вредни милиони евра.