📷Осветен храмот „Св. Константин и Елена“

Чинот го изврши Архиепископот г.г. Стефан со повеќе архиереи на МПЦ–ОА, во присуство на голем број верници.

од Vladimir Zorba
32 прегледи Фото: Фејсбук

Главниот град на земјава денеска доби нов духовен дом – свечено беше осветен храмот „Свети Константин и Елена“.

Чинот го изврши Архиепископот г.г. Стефан со повеќе архиереи на МПЦ–ОА, во присуство на голем број верници.

Фото: Фејсбук/Принтскрин

Со ѕвонење на камбаната, утрово во 8:30 часот почна церемонијата на осветување на храмот во центарот на Скопје. Осветувањето на храмот траеше околу три часа.

-Овој храм убавец е радост за сите сетила и со него добиваме уште едно место во кое земјата се сретнува со небото и во кој временото станува вечност, а светите Константин и Елена на кои им е посветен овој молитвен дом, заслужуваат ваква убавина. Но, убавината на храмот не е цел сама по себе, таа, пред се, е водич кон Бог. Архитектурата, фрескописот, иконостасот и црквата служат за да ни помагаат да ги издигнуваме нашите срца кон небесните висини. Молитвените домови не се прават за да ја покажуваме нашата слава, туку за да бидеме близу до Бога, врвејќи го патот на прочистувањето на срцето и просветлувањето на умот. Затоа, не е доволно да ги осветуваме само храмовите, туку треба и ние себе си да се осветуваме во нив, не е доволно да се воодушевуваме на нивната убавина, туку треба и ние да ги разубавуваме нашите души во нив, потенцира г.г. Стефан.