Една од најголемите ММА легенди, поранешниот шампион на УФЦ и непоразен борец Хабиб Нурмагомедов доживеа голема непријатност кога беше исфрлен од авион во САД.
На социјалните мрежи се појави видео од исфрлањето на Хабиб, но не беше објаснето зошто.
Првично медиумите објавија дека се работи за лет на „Алјаска Ер“, но Хабиб објасни дека не е таа авиокомпанија, туку „Фронтиер“.
– Најпрво треба да објаснам дека бев на лет на „Фронтиер“, а не на „Алјаска Ер“. Жената која дојде кај мене со прашања беше многу непријатна од самиот почеток. Иако зборувам одлично англиски и разбирам сè и се согласив да соработувам, таа сепак инсистираше да ме тргне од моето место. Која беше основата, расистичка, националистичка или некоја друга основа, не сум сигурен.
-Но по две минути разговор таа го повика обезбедувањето и ме изнесоа од авионот. По час и половина се качив на друг лет и отидов до мојата дестинација. Направив се што можев за да останам смирен и со почит кон другите, како што можете да видите на видеото. Но, овие членови на екипажот можат да завршат подобра работа следниот пат и да бидат љубезни со клиентите“, рече Хабиб.
Денеска Хабиб се упати кон Лас Вегас, каде викендов ќе се одржи UFC 311, каде ќе се борат неговите пријатели и роднини. Главен настан е борбата меѓу неговиот Ислам Макачев и Арман Царукјан за појасот во лесна категорија, а за титулата се бори и Умар Нурмагомедов против Мераб Дваливашвили во бантам категорија.