📸 Американците денеска се обидуваат да слетаат на Месечината за првпат по половина век

од Stefanija Kuzmanovska
278 прегледи

Вселенското летало „Одисеја“ ќе се обиде да слета на Месечината вечерва, нешто пред полноќ по наше време. Тоа е првиот обид на САД за слетување на Месечината по повеќе од половина век и крајот на програмата Аполо во 1972 година.

– „Одисеј“, беспилотната лунарна сонда на компанијата Intuitive Machines, треба да се обиде да слета во областа на Јужниот пол во 22:30 UTC (што е 23:30 по средноевропско време). Следете го преносот во живо додека научните инструменти за проучување на регионот пристигнуваат на Месечината, објави американската агенција НАСА на мрежата X.

НАСА, со која Intuitive Machines има договор за оваа мисија, најави и директен пренос од слетувањето во кратерот Малаперт А во регионот на Јужниот пол.

„Одисеј“ синоќа успешно влезе во орбитата на Месечината и оттаму ги испрати првите слики кои беа поставени на мрежата Х.

– „Одисеј“ прелета покрај блиската страна на Месечината откако влезе во орбитата на Месечината на 21 февруари 2024 година. Сондата е во одлична состојба дури и во орбитата на Месечината,  соопшти Intuitive Machines.

„Одисеј“ полета од Земјата на 15 февруари со ракета Фалкон 9 од вселенскиот центар Кенеди во Флорида. Ова е втор обид на американска приватна компанија да ја освои Месечината оваа година. Претходниот, со вселенското летало Peregrine, доживеа дебакл веќе во орбитата, кога откажа резервоарот за гориво.

Досега само пет земји успеаја да извршат таканаречено меко слетување на Месечината – СССР, САД, Кина, Индија и Јапонија. Сепак, интересно е што двете земји кои први го освоија Земјиниот сателит – Советскиот Сојуз (Русија) и Америка – не го направија тоа повторно од 1970-тите, додека во 21 век успеаја азиските сили Кина, Индија и Јапонија.

Слични содржини