📸„Ѓорѓиевски вети рекреативен центар наместо Центар за зависници, три години подоцна има ‘потоп’ од шприцеви и шишенца од метадон во Расадникот“

од Илинка Илиоска
97 прегледи

Во скопската општина Кисела Вода, голема количина медицински отпад, меѓу кој и шприцеви, игли и шишенца од метадон, преплави дел од Расадникот, каде во септември изгореа поголеми површини со грмушки и густа трева. Жителите на овој дел од градот, кои ја контактираа редакцијата на „Локално“, изразија загриженост за опасниот отпад кој како што се гледа на фотографиите останува расфрлан по земјата со што Расадникот стана неформално собиралиште за нарко зависници.

„Го пронајдовме ‘рајот’ на зависниците“, велат тие во коментарите што ги испратија до нашата редакција.

Една жителка на Кисела Вода, сподели дека овој проблем е присутен веќе долго време.

„И уличките околу болницата и куќи се полни со шишенца и шприцеви. Тука не им е ново, од порано се собираа, а неколку пати и општината чистеше, ама повторно се враќаат. Сега, по пожарот, нема грмушки зад кои да се кријат, па навалија на чистините“, вели таа и потенцира дека во непосредна близина има патека по која постојано се движат и возрасни и деца.

Жителите апелираат до надлежните служби за итно отстранување на медицинскиот отпад и преземање на мерки за обезбедување на санитарен и безбеден простор за сите граѓани. Тие исто така потсетуваат и дека сегашниот градоначалник Орце Ѓорѓиевски за време на предизборната кампања повеќе пати ветуваше дека за една година Кисела Вода ќе добие нов рекреативен парк на местото на Центарот за зависници.

„Ветуваше за година дена…. И оп, 3 години подоца зависниците сами си направија место за рекреација “, во револт коментираат жителите на Кисела Вода.

Ветувањето може да се види и на телевизиско интервју, а стои и на Фејсбук профилот на актуелниот градоначалник.

„Центарот за зависници ќе се замени со рекреативен центар „Св.Ѓорѓија“, а за нашите сограѓани кои имаат потреба од метадонска терапија се обврзувам дека ќе добијат соодветна грижа.

Јас не нудам празни ветувања, јас нудам решенија. Имаме прецизен план за дислокација на Центарот за зависници, а ако Министерството за здравство одбие да ни даде согласност, како градоначалник ќе донесам соодветно решение.

Се обврзувам дека за една година од денес, Кисела Вода ќе добие нов рекреативен парк на местото на Центарот за зависници, а сите кои имаат потреба од метадонска терапија истата ќе ја добијат во соодветни услови, во модерна здравствена установа.“ , напиша Ѓорѓиевски во октомври 2021 година.

Фото: Локално

И.И.

Слични содржини