Полска доби европска потерница за апсење на Украинецот Володимир З, осомничен за саботажа на гасоводот „Северен тек“ во 2022 година, но тој веќе ја напуштил Полска бидејќи Германија не го вклучила на листата на барани лица, соопштија полските истражители во средата.
Гасоводите Северен тек 1 и 2 под Балтичкото Море, вредни неколку десетици милијарди долари, беа уништени со серија експлозии во септември 2022 година, седум месеци по почетокот на руската инвазија на Украина.
На платформата Х е објавена наводна фотографија од нуркачот Володимир З.
Германските истражители веруваат дека украинскиот нуркач Володимир З. бил дел од диверзантскиот тим што го поставил експлозивот, објавија во средата германските медиуми.
Germany has issued an arrest warrant for a Ukrainian diver suspected of sabotaging the Nord Stream pipeline. pic.twitter.com/9mRMFNU15b
— WarTranslated (Dmitri) (@wartranslated) August 14, 2024
Тој можеше да ја напушти земјата затоа што Германија не го вклучи неговото име во базата на податоци на барани лица, изјавија полските истражители.
Портпаролката на полскиот државен обвинител Ана Адамиак напиша дека германските власти во јуни ѝ испратиле на Варшава барање за европски налог за апсење.
„Володимир З. на крајот не беше приведен бидејќи ја напушти полската територија преку полско-украинската граница на почетокот на јули“, напиша таа како одговор на прашањето на Ројтерс.
„Слободното преминување на споменатото лице преку полско-украинската граница било можно бидејќи германските власти не го вклучиле во базата на барани лица, поради што полската гранична полиција не можела да знае за налогот и немала причина да го приведе Володимир З.”
Германија нагласи дека истрагата за саботажата на гасоводот не ги загрозува нејзините односи со Украина.
„Таа процедура нема никакво влијание врз она што канцеларот Олаф Шолц го опиша како поддршка за одбраната на Украина од илегалната руска агресивна војна, се додека тоа е неопходно“, рече портпаролот на неговата канцеларија.
Германските иследници идентификуваа и брачна двојка, исто така нуркачи, како одговорни за саботажата, но сè уште не се издадени налози за апсење по нив. Жената во средата за „Велт“ изјави дека ниту таа, ниту нејзиниот сопруг не се виновни и дека во моментот на нападот биле во Киев.
Експлозиите уништија три од четирите цевки на гасоводот, кој стана контроверзен симбол на зависноста на Германија од рускиот гас.