Албанија го отвори последниот кластер на преговори за членство во ЕУ на седмата меѓувладина конференција Албанија-ЕУ, што се одржа денес во Брисел, објави АТА.
Албанскиот премиер Еди Рама изјави во белгиската престолнина дека отворањето на последниот кластер на претпристапните преговори се одржа во рекордно време – за само 12 месеци.
Земјата започна суштински преговори со ЕУ на 15 октомври 2024 година, на втората меѓувладина конференција во Луксембург, откако беше одвоена од Македонија на нејзиниот пат кон пристапување во ЕУ кон крајот на септември минатата година.
Петтиот кластер, „Ресурси, земјоделство и кохезија“, отворен денес, вклучува поглавја поврзани, меѓу другото, со руралниот развој, безбедноста на храната, ветеринарната медицина, рибарството и аквакултурата.
Синоќа, во пресрет на седмата меѓувладина конференција Албанија-ЕУ, во Брисел беше отворена зграда за албанската мисија во ЕУ, објави и АТА.