Поранешниот кошаркар и активист Владимир Штимац е уапсен синоќа, објави Н1 Србија. Како што може да се види на снимката објавена на социјалните мрежи, Штимац е уапсен од полицијата пред зградата на РТС.
Српското Министерство за внатрешни работи кратко по 2 часот наутро објави дека привело 37 лица кои, според нив, учествувале во нарушување на јавниот ред и мир и предизвикување инциденти пред зградата на парламентот во Белград. Додадоа дека бараат и други сторители на истите дела.
Провладините таблоиди објавуваат дека Штимац е уапсен по наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград, бидејќи цел ден повикувал на насилство пред парламентот.
Вчера вечерта во Белград избувнаа нови немири. Градот личи на воена зона, што може да се види на бројните видеа што кружат на социјалните мрежи.
Пред зградата на парламентот во Белград избувна судир меѓу таканаречените „чаци“ и граѓаните што протестираат против Вучиќ. Српските граѓани дојдоа да ја поддржат Дијана Хрка, мајката на една од жртвите од уривањето на настрешницата, која започна штрајк со глад.