📽️Две лица загинаа во новогодишниот хаос во Холандија, изгоре и црква од 19. век

Ова беше последната Нова година пред целосната забрана за приватниот огномет во Холандија

од Nikola Popovski
14 прегледи Фото: Принтскрин/Х

Новогодишната ноќ во Холандија помина во хаос – две лица загинаа во несреќи со огномет, полицијата регистрираше невидено насилство, а историска црква во Амстердам беше сериозно оштетена. Сè се случило пред да стапи на сила националната забрана за пиротехника.

17-годишен малолетник од Најмеген и 38-годишен маж од Алсмер загинаа како резултат на огномет, додека уште три лица се тешко повредени. Едно лице е уапсено во врска со смртта на тинејџерот, а истрагата е во тек.

Во текот на ноќта, на улиците избувнаа судири, хулиганите фрлале огномет и експлозивни направи кон полицијата и зградите, а полицијата привела околу 250 лица. Шефот на холандската полиција соопштил дека биле распоредени речиси сите достапни служби за растерување на немири, додека полицискиот синдикат соопштил дека имало „невидено ниво на насилство“ врз полицијата и службите за итни случаи. Молотови коктели биле фрлени и врз полицијата во градот Бреда.

Пожарникарите интервенирале во речиси 4.300 случаи, главно поради запалени автомобили, контејнери и ѓубре. Во неколку наврати, и тие биле цел на напади со експлозивни и пиротехнички направи.

Во Амстердам, голем пожар избувнал во црквата Вонделкерк, изградена во 1872 година. Кулата висока 50 метри се урнала, покривот бил тешко оштетен, а десетици домаќинства биле евакуирани. Причината за пожарот сè уште не е позната.

Болниците низ целата земја пријавиле голем број повреди од огномет, претежно кај млади луѓе – а во некои случаи и ампутации на прсти. Повеќето од повредените се малолетници.

Ова беше последната Нова Година пред целосната забрана за приватниот огномет. Во јули, холандскиот Сенат донесе закон со кој се забранува поседување, продажба и употреба на пиротехнички средства, освен за најблагите уреди како што се прскалките. И покрај ова, граѓаните потрошија рекордни 129 милиони евра за огномет оваа година, а зоните без пиротехнички средства имаа слаб ефект.