📽 Мики Маус стана јавно добро: Се подготвуваат два хорор филма и видео игра со него

од Stefanija Kuzmanovska
379 прегледи

Како што претходно беше најавено, Мики Маус стана јавно добро во понеделникот, а неговата слика може да се користи без дозвола на „Дизни“.

Ова се однесува само на верзијата на Steamboat Willie од 1928 година, во која Мики Маус првпат ѝ беше претставен на публиката, а не на подоцнежните, попознати појави.

Неочекувано, некои автори веќе решиле да го искористат ова, па се најавени два хорор филма во кои Мики Маус е еден од протагонистите.

Првиот се вика Mickey’s Mouse Trap и трејлерот за него се појави на први јануари оваа година.

Описот гласи: „Алекс го слави својот 21 роденден, но таа е заглавена во ноќна смена на аркада, па нејзините пријатели одлучуваат да ја изненадат. Маскиран убиец преправен во Мики Маус започнува игра во која тие мора да преживеат“.

Филмот е во режија на Џејми Бејли, а сценариото го напиша Сајмон Филипс, кој исто така ја толкува улогата на убиецот, а останатите улоги ги толкуваат Софи Мекинтош, Калум Сивик, Алегра Ночита, Бен Харис, Дамир Ковиќ, Мекензи Милс и Ник Бискупек.

Засега не е познат датумот на издавање, но авторите веруваат дека ќе излезе во март оваа година.

Во меѓувреме, Мики Маус доживеа еволуција на ликот

Друг најавен проект на оваа тема е сè уште ненасловена хорор комедија базирана на Steamboat Willie.

Во него садистички глушец мачи група патници на траект, а снимањето треба да започне на пролет.

Зад филмот стои Стивен Ламорт, кој веќе го сними филмот The Mean One, хорор пародија на приказната за Гринч.

„Сето тоа доаѓа од љубовта кон овие ликови. Сите ние режисерите сме деца во песок. Сакаме да ги земеме и да играме на различни начини. Не сакаме да ги уништиме овие ликови или да заработиме брзо, туку да ги почитуваме и да ги прикажеме во ново светло“, рече Ламорт.

„Дизни“ најави дека ќе ја заштити својата интелектуална сопственост, бидејќи сè уште ги има правата на сите подоцнежни верзии на Мики и Мини Маус.

Дополнително, најавена е и видео игра наречена Infestation: Origins, која содржи хорор верзија на Steamboat Willie’s Mickey Mouse од која играчите мора да избегаат.

Да потсетиме, слично нешто се случи со ликот на Вини Пу, кој исто така стана јавно добро и последователно стана протагонист на хорор филм.

Станува збор за Winnie the Pooh: Blood and Honey од 2023 година.

Слични содржини