📽 Владините сили во Сирија влегоа во градот на Друзите – наместо да помогнат, убиваат цивили и ги понижуваат бричејќи им ги мустаќите

од desk2
35 прегледи

Жителите на сирискиот град Сувајда, главно припадници на религиозната група Друзи, попусто се надеваа дека најавеното доаѓање на владините сили вчера ќе означи крај на смртоносните секташки судири со локалните бедуински племиња. Наместо тоа, дочекаа егзекуции, грабежи и пожари. Владините сили и нивните сојузници дивееја во населбите на Друзите, што натера илјадници припадници на ова верско малцинство да ги напуштат своите домови.

„Владините сили влегоа во градот под изговор за воспоставување ред… за жал, се оддадоа на дивјачко однесување. Забележани се и случаи на убиства на цивили – десетици цивили… но немаме точен број“, вели Рајан Маруф, главен уредник на порталот Сувајда 24.

 

Во некои случаи, оние што останале живи се понижени така што насила им биле избричени мустаќите.

 

Според Сириската опсерваторија за човекови права, владините сили во еден инцидент во преноќувалиште во градот погубиле 12 цивили. Се напоменува дека ова е само еден од наводните злосторства што се случиле во подрачјето.

 

Сирискиот министер за одбрана прогласи „целосен прекин на огнот“ во градот вчера наутро, но според локалните жители, тоа немало никаков ефект. Новинар на АФП што влегол во Сувајда набргу по доаѓањето на владините сили затекнал мртви тела на празните улици, додека насекаде се слушале пукотници.

Според еден извор на агенцијата, локален жител што се затворил дома, во центарот на Сувајда луѓе биваат погубени, се подметнуваат пожари во куќи и продавници, се вршат грабежи и разбојништва.

 

Според некои извори, сириските владини сили вршат воздушни напади со дронови врз вооружените групации на Друзите во јужна Сирија.

Судирите меѓу сунитските бедуински племиња и Друзите избувнаа викендов.

Градот Сувајда има 150.000 жители.

Ова не е прв случај на жестоки судири меѓу различни групи откако во декември исламистичките бунтовници го соборија долгогодишниот претседател Башар ал Асад. Најлошиот инцидент се случи во март долж медитеранскиот брег кога се убиени повеќе од 1.700 цивили од верската заедница Алавити, на која припаѓаше Ал Асад. Нападите ги вршеа владините сили, во кои има многу поранешни исламистички екстремисти.

Слични содржини